Јанша: Руската армија никогаш нема да го освои Киев

од Nikola Popovski
242 прегледи

Руската армија никогаш нема да го заземе Киев, изјави во четвртокот словенечкиот премиер Јанез Јанша, осврнувајќи се на впечатоците од неговиот престој во Киев, кој во вторникот го посети заедно со полскиот и чешкиот премиер и разговараше со украинското раководство.

Во изјава за Словенечката телевизија, Јанша рече дека тоа е посета на охрабрување на украинското раководство.

„Првенствено, таа посета беше демонстрација дека не ја отпишавме Украина“, нагласи Јанша, додавајќи дека многу дипломати, претставници на меѓународни организации и корпорации се повлекле од главниот град на Украина уште пред да започне рускиот напад.

„За нив тоа беше знак дека не се отпишани, дека не се работи само за поддршка од далеку, туку дека некој верувал дека ќе се бранат и ќе победат“, додаде Јанша.

Според него, нападите врз центарот на Киев се релативно ретки и градот не е опколен.

„Киев е напаѓан од исток и од запад, но силите што го напаѓаат се премногу слаби за да го освојат. Руската армија никогаш нема да го освои Киев“, рече словенечкиот премиер.

Слични содржини