Опоравувањето по пандемијата на коронавирус и проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан се меѓу клучните предизвици на Унијата, рече словенечкиот премиер Јанез Јанша.
„Ако ЕУ не се прошири, некој друг ќе го стори тоа“, предупреди Јанша во говорот пред словенечките дипломати пред почетокот на шестмесечното словенечко претседателство со ЕУ на 1 јули.
Словенија, која ќе одржи неформален самит ЕУ-Западен Балкан на почетокот на октомври, е особено важна заради нејзината близина до регионот, а проширувањето на ЕУ, рече премиерот, треба да биде одговор на стратешките и безбедносните предизвици на третите актери.
Меѓу нив е и Турција, која се обидува да го забави ширењето на ЕУ на Балканот, рече Јанша.
Говорејќи за пандемијата, Јанша рече дека ниту една земја не е подготвена за тоа и дека глобалистичката идеја дека „она што не можете да го обезбедите во вашата земја, можете да го добиете поевтино на светскиот пазар“ се покажа како илузорно.
Јанша оцени дека членките на ЕУ релативно успешно се согласија за сеопфатен економски и финансиски пакет за закрепнување на нивните економии и компании од пандемијата.
Од друга страна, ќе биде многу потешко да се постигне договор за „зелена транзиција“ во економијата бидејќи економијата на 27-те земји-членки на ЕУ е различна, и многу зависи од тоа како Европската комисија ќе успее да се справи со специфични проблеми на одделни земји, рече Јанша.