Јапонија побара од Русија да се извини за притворањето на јапонскиот дипломат Мотоки Тацунори поради наводна шпионажа.
Јапонија ги обвини Русите дека му ги врзале очите на дипломатот и го врзале за стол за да не може да се движи, пишува Си-Би-Ес.
„Јапонскиот дипломат со седиште во источниот град Владивосток е прогласен за персона нон грата за нелегални разузнавачки активности. Јапонија силно ги осудува овие неверојатни дела. Дипломатот е ослободен и ќе ја напушти Русија“, изјави високиот владин портпарол Хироказу Мацуно за новинарите, цитирајќи го руското министерство за надворешни работи.
Мацуно ги отфрли обвиненијата за шпионажа.
Јапонија го повика рускиот амбасадор и побара официјално извинување за односот кон дипломатот, кој според Мацуно ја прекршува Виенската конвенција за конзуларни односи.
Русија во понеделникот објави дека уапсила вработен во јапонскиот конзулат со седиште во Владивосток поради собирање информации, пишуваат руските агенции.
„Јапонски дипломат е фатен на дело додека добивал информации за соработката на Русија со друга земја во азиско-пацифичкиот регион. Тој добил информации во замена за финансиска награда“, објави ФСБ, без да прецизира за која трета земја станува збор.
ФСБ го идентификуваше службеникот како Мотоки Тацунори и го обвини дека бара информации за влијанието на западните санкции врз околниот регион Приморје, пишуваат руските новински агенции.