Јапонија и денеска е под топлотен бран, четврти ден по ред, откако главниот град Токио собори речиси 150 години стари температурни рекорди за јуни, а властите го повикуваат населението да троши помалку струја, предупредувајќи дека снабдувањето со електрична енергија ќе биде тешко.
За три дена, температурите во центарот на Токио беа над 35 степени Целзиусови, што е најтоплата серија откако метеоролозите почнаа да забележуваат температури во 1875 година, додека во градот Исесаки, северозападно од главниот град, за време на викендот беа забележани рекордни 40,2 степени, пренесува „Ројтерс“.
Бројот на хоспитализирани поради екстремни температури е зголемен од утрово кога во болница се префрлени 13 лица, јавуваат локалните медиуми, додека најмалку двајца починале како последица на топлотен удар.
Втор ден властите бараат од потрошувачите во областа Токио да штедат струја за да избегнат ограничувања.
„Очигледно има некои постари луѓе кои ги исклучија своите климатизери затоа што бараме од луѓето да штедат струја, но ве молам – кога е толку топло, не двоумете се да се разладите“, рече министерот за трговија и индустрија Коичи Хагиуда на прес-конференција.
Снабдувањето со електрична енергија на Јапонија е отежнато откако земјотресот во североисточниот дел на земјата во март принуди некои нуклеарни централи да се затворат.
Официјалните лица, исто така, затворија неколку застарени фабрики за фосилни горива во обид да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид.
Овие проблеми, заедно со зголемената побарувачка на електрична енергија, во услови на високи температури доведоа до недостиг од електрична енергија.