Јапонија денес се сеќава на атомскиот напад врз Хирошима на 6 август 1945 година, додека годинашната комеморација беше засенета со одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) да не повика на минута молчење за жртвите оваа година.
Преживеани, роднини и само мал број странски лидери присуствуваа на утринската церемонија во Хирошима, западна Јапонија, за да им оддадат почит на жртвите и да повикаат на светски мир.
За време на пандемијата на коронавирус, јавноста беше исклучена од церемонијата, како и во 2020 година, но може да ја следи на Интернет.
Учесниците, со маски на лицата и во црни костуми, во 8:15 часот (четврток 01:15 по средноевропско време), кога американска атомска бомба падна врз градот пред 76 години, одржаа минута молчење во чест на жртвите.
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет одби да им дозволи на спортистите денеска да им оддадат почит на жртвите на Хирошима
Преживеаните и градската власт во Хирошима неодамна му предложија на МОК да ги покани спортистите да се придружат во Токио за да им оддадат почит на жртвите.
Но, претседателот на МОК, Томас Бах, не го прифати предлогот, само рече дека церемонијата на затворање на Олимпијадата во недела ќе биде можност да им се оддаде почит на сите жртви на трагичните настани во светската историја.
„Тоа е жално, иако ја цениме посетата на претседателот Бах на Хирошима во пресрет на Игрите“, изјави градскиот службеник Томохиро Хигаки за „Франс прес“.
Бах ја посети Хирошима на 16 јули за да го означи почетокот на традиционалното „олимписко примирје“ кога сите непријателства во светот ќе престанат за време на Олимписките и Параолимписките игри.
Бах положи венец на споменикот со имињата на жртвите од бомбата А, го посети Меморијалниот музеј на мирот и разговараше со преживеана жртва.