Владата на јапонскиот премиер Јошихиде Суга донесе одлука за воведување на вонредна состојба во Токио поради коронавирусот, само две недели пред почетокот на Олимписките игри, објавено е во четвртокот.
Привремената вонредна состојба ќе биде во сила од понеделник до 22 јули, соопшти владата.
Предвидено е Олимпијадата да се одржи од 23 јули до 8 август.
Причината за воведувањето на четвртата вонредна состојба во Токио е уште едно значително зголемување на бројот на заразени.
Вонредната состојба, сепак, не е затворање со строг полициски час како во другите земји.
Иако граѓаните се повикуваат да останат дома, рестораните се отворени, но не смеат да служат алкохол, нудат караоке и треба да се затворат порано навечер отколку вообичаено.
Јапонија не доживеа експлозија на пандемијата „Ковид-19“, како што се гледа во другите земји, но има повеќе од 810.000 заразени и 14.900 мртви, според Ројтерс.
Бавната вакцинација значи дека само една четвртина од популацијата примила барем една доза вакцина против Ковид-19.
Одлуката за воведување нова вонредна состојба во Токио доаѓа во четврток кога беше објавен бројот на 896 новозаразени во главниот град, што е скоро како кон средината на мај.
Организаторите предложија неколку сценарија за Олимписките игри до спонзорите доцна во средата навечер, изјави извор близок до разговорите.
На спонзорите им е соопштено дека во случај гледачи да не бидат дозволени на стадионите, сите настани да се одржуваат без навивачи, што значи дека билетите наменети за спонзорите нема да можат да се користат и тоа ќе биде нов удар за буџетот на ОИ,кој веќе изгуби многу поради продажбата на билети за фановите.