Toyota спроведе истражување кое покажува дека значително намалување на емисиите на автомобилот може да се постигне ако повеќе возачи користат режими за возење „Еко“ или „ЕВ“ во своите возила.
Додека режимот на погон на „Eкo“ го има секој понов автомобил на пазарот, режимот на возење „ЕВ“ се однесува на plug-in хибридите на Toyota, кои имаат батерии доволно големи за кратки патувања со електрична енергија.
Од Toyota тврдат дека таквиот начин на возење носи бројни предности. Истражувањето ги опфатило вработените во Toyota и членовите на нивните семејства кои возеле повеќе од 600.000 километри во „Еко“ или „ЕВ“ режим, пишува „CarBuzz“.
Намалувањето на емисиите постигнато од учесниците во истражувањето заштеди 19.270 литри бензин, а Toyota изјави дека намалувањето на CO2 е еквивалентно на 748 дрвја што апсорбираат јаглерод во текот на 10 години. Со други зборови, заштедени се 45.235.623 грама стакленички гасови.
Користењето на Еко режимот на работа кај моделот без хибридниот систем има најзначајни предности, со намалување на емисиите на штетни гасови за 26 проценти. Кај хибридниот модел намалувањето е 4 проценти бидејќи возилото веќе ефикасно функционира во основниот режим на возење.
„Имаме способност да користиме податоци за да ги поттикнеме потрошувачите да направат разлика“, рече главниот технолошки директор на Toyota Connected North America, Брајан Курсар.
„Знаеме дека има милиони поврзани возила на Toyota и Lexus ширум светот. Ако сите возат во еко режим, тоа би можело значително да помогне во намалувањето на нашите колективни емисии на CO2“, додаде тој.
Иако оваа иницијатива покажува како нешто толку едноставно како што е префрлањето на режимот на возење Еко може да направи разлика, многу критичари велат дека Toyota треба да стори повеќе за да се бори против климатските промени. Тие моментално се на последното место во минатогодишното истражување на Гринпис за тоа како најголемите светски производители на автомобили работат на борбата против климатските промени.
Тоа не е големо изненадување, со оглед на тоа што Toyota сè уште има само едно електрично возило во својата гама.