„Стевчо Јакимовски знае дека следи ревизија на неговата криминална работа и дека ќе излезат на виделина сите криминали кои ги правел, затоа плаче, наместо да честита“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешното соопштение од ГРОМ.
Според пратеникот Тони Јаревски, екс-градоначалникот е причината зошто Карпош e „бетонска џунгла“.
-Јакимовски тоне во своите солзи, говори за некакви изборни нерегуларности во кои само тој верува. Јакимовски е свесен за неговите злоупотреби кои ги има направено во Карпош и во страв дека сите работи ќе излезат на виделина, Стевчо плаче.
Алиби мајсторот Стевчо, се плаши од ревизија во општината и затоа му порачуваме овие неколку дена што му останаа да не потпишува никакви документи, бидејќи добивме информации дека презема очајнички слугувања кон мафијашите што ги штити, порача Јаревски на прес-конференција, додавајќи дека „Карпош се ослободи од Стевчо и неговите другарчиња од градежната мафија“ и дека „Сотир Лукровски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја препородат општината“.
По тесниот пораз во општина Карпош на локалните избори, Јакимовски, го оцени изборниот процес како системска злоупотреба, обвинувајќи за поткуп и принуда на гласачи, преку контролирани медиуми и инсталации на избирачки места, до, како што вели, организирано „крадење“ на волјата на граѓаните. Разликата од 1.134 гласа меѓу него и неговиот противкандидат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ во вториот изборен круг, според Јакимовски, е резултат на нечесни методи, а не на фер и демократска борба.
Довчерашниот градоначалник тврди дека најголемата владеачка партија „за одземање на лична карта на гласачи кои би гласале за него плаќале педесет евра, а за т.н. бугарски воз се плаќало по 100 евра“.