Американскиот министер за финансии Џенет Јелен изјави дека очекува растот на цените да остане висок во првата половина на 2022 година, но ги отфрли критиките дека САД би можеле да ја загубат контролата врз инфлацијата, пишува „Блумберг“.
Се очекува инфлацијата да се забави во втората половина од годината откако ќе се подобрат синџирите на снабдување, затегнатиот пазар на труд во САД и други фактори кои произлегуваат од пандемијата, изјави Јелен за Си-Ен-Ен. Сегашната ситуација одразува „привремен“ проблем, рече таа.
„Мислам дека не сме на работ да ја изгубиме контролата врз инфлацијата“, рече Јелен, отфрлајќи ги критиките од поранешниот министер за финансии Лоренс Самерс овој месец. „Американците не виделе ваква инфлација вопоследно време. Но, со нашето враќање во нормала, очекувајте ова да заврши“, рече американскиот министер за финансии.
Во петокот, претседателот на Федералните резерви Џером Пауел изрази силна загриженост поради продолжувањето на високата инфлација и посочи дека централната банка наскоро ќе започне со ограничување на купувањето обврзници, но ќе остане трпелива во зголемувањето на каматните стапки.
Индексот S&P 500 го забележа првиот пад во последните осум дена. Пауел рече дека политиките се „добро позиционирани“ за управување со голем број случувања.
Јелен одби да коментира за тоа што го советувала претседателот Џо Бајден за неговата одлука дали да го продолжи мандатот на Пауел. Сепак, таа рече дека финансиските регулативи „значително се зајакнале“ за време на мандатот на Пауел, како и за време на нејзиниот мандат и на нејзиниот претходник – Бен Бернанке.
Во време кога пандемијата врши дополнителен притисок на финансиските пазари, „голем дел од финансискиот систем се снајде многу добро благодарение на подобрувањата во ликвидноста на капиталот, управувањето со ризикот, стрес тестовите. „И тие подобрувања останаа на место за време на мандатот на Пауел“, рече Јелен.
Плафонот на долгот
Таа додаде дека е од суштинско значење да се зголеми плафонот на американскиот долг со повторување на претходните предупредувања за последиците од потенцијалното суспендирање на плаќањата.
Соединетите Држави го пријавија вториот најголем годишен буџетски дефицит во својата историја во 2021 година во услови на високи трошоци за поддршка на економијата поради пандемијата.
Дефицитот за фискалната година до септември достигна 2,77 трилиони долари во споредба со 3,1 трилиони претходната година, покажа извештај на Министерството за финансии минатата недела. Како дел од економијата, дефицитот се намали на 12,4% во фискалната година од 15% во 2020 година, втор по големина од Втората светска војна.