Јеменските Хути ќе продолжат да го напаѓаат Израел и нема да се придружуваат до никакви правила, изјавил за „Ал Џезира“ портпаролот на групата Мохамед Абдулсалам, еден ден откако Израел нападна воени цели во близина на јеменското пристаниште Ходеида, при што загинаа најмалку шест лица.
Абдулсалам навел дека „нема да има црвени линии“ во одговорот кон Израел.
„Сите чувствителни институции со сите нивни нивоа ќе бидат мета за нас“, предупредил тој.
Како што наведува Гардијан, израелската армија соопшти дека нападот во саботата, на околу 1.700 километри од Израел, бил меѓу најкомплицираните операции на нејзините воздушни сили. Се вели дека пристаништето било погодено бидејќи областа се користи за транспорт на иранско оружје во Јемен.
Ова беше прв директен напад врз Јемен откако Хутите минатата година почнаа да го гаѓаат Израел со проектили и беспилотни летала. Сите овие напади беа пресретнати до петокот, кога во напад на Тел Авив загина едно лице, а неколку беа ранети.