Украина и Унгарија работат на подготовка на средба меѓу претседателот на Украина, Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан во блиска иднина, изјави денеска шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.
Тој ова го соопшти по разговорот со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
-Работиме на организирање средба меѓу двајцата лидери во блиска иднина, напиша Јермак на „X“.
Сијарто претходно денеска изјави дека Унгарија нема да го промени ставот во однос на настаните во Украина.
-Како што се договоривме пред неколку недели, денеска имав уште еден телефонски разговор со Андриј Јермак. Одржувањето дијалог на високо ниво е многу важно, бидејќи ни дава надеж за подобрување на нашите односи, а ние сме заинтересирани да го одржиме највисокото можно ниво на соработка со сите наши соседи, напиша Сијарто на социјалната мрежа.
Тој посочи дека Унгарија нема да ја промени својата про-мировна позиција и очекува средба во јануари, кога ќе се разговара за најважните билатерални прашања.