Требениште не е само приказна за 56 гробови, туку и историја на светот пред 25 века. Минатото се однесува и на иднината, бидејќи нашите земји, Република Северна Македонија, Република Србија и Бугарија се на Балканскиот Полуостров. Секој од нас го знае и го штити својот идентитет, но минатото и историјата не не делат, напротив, нè обединуваат, изјавила бугарската потпретседателка Илијана Јотова на изложбата „105 години Требениште“, што синоќа се одржала во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.
Јотова детално ја опишала улогата на археолозите и музејските работници во овој заеднички проект на Бугарија, Србија и Македонија.
-Не е само да го пронајдете предметот што ќе го исчистите, важното од овие анализи е да замислите како изгледал и за што служи и да ја пронајдете поинтересната приказна – за врските, односите, начинот на живот на луѓето од тоа време кои го населувале тогашниот северен дел на Охридското Езеро. Со сите овие мали предмети на изложбата, денес во 21 век, човек се чуди како луѓето тогаш стигнале до различни делови на светот, рекла Јотова во своето обраќање.
На изложбата биле истакнати златни погребни маски, борбена опрема, сребрени и бронзени садови, сребрени украси и повеќе од 600 предмети.
Од македонска страна на изложбата присуствувал заменик-министерот за култура, Даим Лучи.
Програмата за соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е темелен акт за интензивна комуникација во овој ресор, а се потпишува меѓу двете министерства, е обновена во 2022 година. Беше потенцирано дека за континуитетот во билатералните односи во културата голема заслуга имаат културно-информативните центри, македонскиот во Софија и бугарскиот во Скопје, кои се средиште на многубројни настани од сите области што ги поврзуваат културите на двете земји.