Денеска за нас е крајно свечен ден, бидејќи токму овде, на Софискиот универзитет, пред 100 години јавни личности, научници, професори, наставници го основаа Македонскиот научен институт за проучување на историјата, географијата, етнографијата, економскиот живот на Македонија, да собира историски материјали за ослободителните војни на македонските Бугари, подготвувајќи систематска и детална историја на овие борби, рекла бугарската потпретседателка Илијана Јотова во своето обраќање по повод 100-годишнината на Македонскиот научен институт во Софија.
Таа додала дека „не само патриотизмот, туку и научното усовршување, тези, историја, анализи, идеи, ставови, би биле многу корисни денес во исклучително деликатните односи што ги имаме со нашите соседи“.
-Политичката поларизација, бесмислените препукувања и омразата ја кочат работата на парламентот во Скопје, а тоа го гледаме особено во последните месеци. Ова не може да не ја засени европската иднина на нашиот сосед, која всушност сите ја посакуваме. Нема како Северна Македонија да влезе во пакет со Албанија во преговорите за пристапување во Европската унија, ако не ги спроведе препораките на Советот, кои имаа неколку европски одлуки за ова прашање, откако Бугарија ги постави своите услови и беше поддржана од нејзините европски партнери, кажала Јотова, пренесува „БТА“.
Како што вели, „нема начин, колку и да се прават задкулисни игри, да се започне со вистинските преговори со Република Северна Македонија, пред да биде исполнет условот за правата на Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав“.
Јотова истакнала дека токму членовите на Македонскиот научен институт низ годините многу внимателно ги следеле овие процеси, правеле анализи, давале идеи и препораки, кои за жал не биле секогаш слушнати.
Оценува дека Бугарија со разбирање, толеранција и партнерство се однесува кон сите земји кои изразија желба да станат дел од Европската унија, вклучително и Република Северна Македонија.
-Од 2017 година, од потпишувањето на Договорот за добрососедство, до овој момент, нашата земја прави многу конкретни чекори за помош на соседите. Претседателот Румен Радев уште во 2019 година во дијалогот со Република Северна Македонија ја внесе тезата за императивна промена на Уставот и признавање на правата на Бугарите. Текстот за промената е готов, даден е на разгледување, но нема ниту политичка ниту јавна волја тоа да помине и низ комисиите и низ пленарната сала во македонското Собрание, рекла во својот говор Јотова.