Јовановиќ за Чебрен: „Проектот да не се дава на странски компании, од финансиска точка нема проблем сами да го градиме“

од Nikola Popovski
454 прегледи

Истече рокот на којшто на грчкиот инвеститор „Архиродон“ му беше продолжена банкарската документација и да стави потпис на договорот за изградба на хидроелектраната „Чебрен“. Грчката компанија се жалеше дека условите на тендерот не се исти како оние во владината одлука за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, но од Владата беа децидни дека никакви промени во критериумите нема да има. Ова беше 14-ти по ред обид да се гради овој проект, стар повеќе од три децении.

Голем дел од експертската јавност беше децидна против грчката компанија „Архиродон“ да го гради „Чебрен“ и дека тоа треба да го стори државата. Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во разговор за „Локално“ порача дека не ги знае точните причини зошто пропадна тендерот. Сепак, според него, официјалното објаснување од нашата Влада – дека грчката компанија барала прво да се потише договор за концесија, па потоа тие да ја тераат целата постапка, вклучувајќи и да добијат дозвола за води, му делува како „бирократски изговор зад кој стои некое поголемо недоразбирање“.

-Но, подобро да пропадне веднаш тендерот, отколку да се доведеме во ситуација како со некои други инфраструктурни проекти кои ги работат странски компании, инвеститорот да одолговлекува и проектите никогаш да не се завршат, истакнува Јовановиќ.

Професорот е дециден дека проектот не треба да се дава на странски компании и како што посочува, сега Владата конечно треба да се освести и да почнеме сами да го градиме.

-Јавноста е очигледно за тоа, а и инженерите се произнесоа дека имаме експертиза и знаење. Од финансиска гледна точка нема апсолутно никаков проблем – потребни се 100-150 милиони евра годишно, кои лесно можат да се обезбедат од државниот буџет, кој оваа година изнесува 5,5 милијарди евра, и има околу 800 милиони евра за капитални инвестиции (од кои 30% нема да се искористат), посочува соговорникот.

Нема да биде активирана банкарската гаранција на грчката компанија „Архиродон“ која се откажа од проектот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“-понудата не е повлечена за да се наплатат пари, изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Како што соопшти министерката, грчката фирма испратила жалба во однос на одлуката на Владата и соопштила дека имаат одредени услови коишто не овозможуваат добри можности да обезбеди средства од банките за да го гради „Чебрен“.

„Тие дополнителни барања не беа дел од тендерската документација и како такви, Владата не можеше да ги прифати. Затоа одлучивме условите да останат како во тендерската документација. Очигледно компанијата со овие услови не можеше да обезбеди заеми од банките, со оглед на тоа дека се работи за голема финансиска конструкција од милијарда евра“, изјави Шукова.

Во однос на тоа зошто не се активира банкарската гаранција, Шукова вели дека гаранцијата се наплатува во корист на Владата само ако избраниот понудувач ја одбие поканата за склучување договор за концесија за добра од општ интерес и не го потпише договорот и доколку ја повлече понудата пред истекот на периодот.

Компанијата имаше обврска во рок од три месеци да склучи договор за заедничко вложување и со македонската Електрани за Северна Македонија (ЕСМ) да основа акционерско друштво. ЕСМ требаше да учествува со третина од акционерскиот капитал. Новоформираната компанија ќе требаше да обезбеди дозвола за користење вода.

Доколку се изгради, ХЕЦ „Чебрен“ треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Со инвестиции во оваа централа, Македонија, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении. Воедно, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, за водоснабдувањето, земјоделството и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.

Н.П.

Слични содржини