Јовановски: Има реакции за грешки во документите од матичните служби што ги издаваме, но кој работи и греши

од Берта Китинска

Потпретседател на Независен синдикат на Управата за водење на матичните книги (НСУВМК), Игор Јовановски вели дека синдикатот веќе две години се обидува да потпише Колективен договор, но тоа не се случува или поради промена на министер или поради промена на директор.

Последниот министер за правда вели дека Колективниот договор што е понуден за Управата за водење матични книги е во спротивност со Колективниот договор за административните работници.

-Нам не ни беше прифатливо линеарно зголемување на платите од 15 отсто, оти имаме колеги кои земаат плата под минималната плата. Сѐ уште не е зголемена минималната плата кај нас. Ние се согласуваме да се преговара за бодувањето за образование само да се трнеме од таа плата од 16.000 денари, вели Јовановски за Утрински брифинг.

Од министерството за финансии на синдикалците им рекле дека нема пари, а од министерството за правда се согласуваат да се задржат бодовите за тежина на работното место, вели Јовановски и додава дека можност за напредување во службата во Управата нема.

-Има реакции за грешки во документите што ги издаваме, но кој работи и греши. Нашата работа не е едноставна. Работиме со книги во кои и мастилото е избледено. Имаме и проблем со тоа што во книгите не се заведени промени на презимиња многу одамна, но се трудиме да ги исправаме овие грешки, вели тој.

Слични содржини