Во Европскиот парламент помина Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, а се уште стои горкото чувство дека беа избришани зборовите македонски идентитет и македонски јазик. По критиките и навредливата реторика од бугарските и грчките европратеници на дебатата во пленарната сала, највпечатлив беше настапот на словенечката европратеничка Ирена Јовева која има македонско потекло. Таа ја бранеше честа на македонските позици и директно им се обрати на останатите колеги на македонски јазик. Јовева припаѓа на партијата „Движење за слобода“, која е дел од парламентарната група „Обнова на Европа“,
Ден по гласањето, Јовева во разговор за „Локално“ порача дека не сака ниту планира да ја гледа ситуацијата како доминирање на една или на друга страна, барем не во контекстот на Извештајот. Појаснува дека вакви годишни извештаи се традиционални, не се ништо ново и пред се тоа треба да е текст со единствена цел – во него се оценува напредокот или стагнирањето на една земја-кандидатка.
-Тие извештаи треба да бидат професионални, фер и засновани на критериумите за патот на земјата-кандидатка во процесот на пристапување во ЕУ. Во такви извештаи не треба да има простор за ништо што нема никаква врска со официјалните, формалните критериуми за тој процес. Извештајот на колегата Томас Вајц во оригиналната верзија е реален и позитивен во контекстот на напредокот на земјата кон ЕУ. Тоа што го прави делот на политиката, пред се бугарската, тоа нема врска со реалноста. Како што кажав на дебатата за извештајот на пленарната седница, ќе кажам и сега: на македонскиот народ не му треба дозвола за да постои – од никого, ниту од Европскиот парламент ниту од било која земја-членка, потенцира Јовева.
Според неа, амандманите на бугарските пратеници со „модерен” беа срамни, но секако очекувани од страна на одредени, како што ги вели, „колеги“. Јовева е децидна дека македонскиот јазик е автентичен, а нивните неуспешни обидувања тоа да го сменат се модерни – ама модерни во смисла на модерна фикција.
-Амандманот со додатокот „модерен“ немаа шанси да пројдат во парламентот кој што, како што реков, не е надлежен да одлучува кој има и кој нема право да постои како народ, како јазик или како идентитет, а камоли да одлучуваат дали некој јазик е модерен или старомодерен или како му текне на некого да го нарече.
Сега во извештајот е изгласано тој дел со јазикот и идентитетот да се избрише. Јас лично бев против бришењето, затоа што ако тоа е веќе во текстот, тоа значи дека тоа е компромис постигнат помеѓу известувачите на политичките групи и значи дека треба да се остави во текстот, а не да се менува со додатни амандмани поради одредени лобирања или манипулативни изјави. Но ете, се случи и сега сакам македонскиот народ да го искрено замолам да не потпаѓа на било каков наратив дека со оваа одлука Европскиот парламент не го признава македонскиот јазик или македонскиот идентитет. Тоа нема никаква врска со непризнавањето, морам да бидам фер и тоа да го кажам. Напротив, значи дека Европскиот парламент не си зема за право да одлучува дали некој народ има право да постои или не. Овој извештај не е извештај за правото на постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик или македонскиот идентитет. И тоа јас го гледам како сепак доволно јасен сигнал на сите кои што мислат дека со ова бришење победиле – напротив, ја изгубија битката во која сакаа македонскиот јазик да стане нешто што не е, порачува европратеничката.
Додека Вајц го подготвуваше Извештајот, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно бараа од спротивниот табор да лобира меѓу европратениците од сестринските партии да ги поддржат македонските позиции (многувековен идентитет и посебен кодифициран јазик). Подоцнa дојдоа и обвинувања дека токму членови на ЕП од сестринските партии ги поднеле спорните амандмани. На прашањето дали Македонија има пријатели меѓу европските функционери и пратеници или сето тоа е само на „празни зборови“, Јовева нагласува дека македонската држава секако има пријатели во ЕУ и не се согласува дека тоа се празни зборови.
-Не можам да се изјаснувам во име на други, јасно е дека во Европскиот парламент има и луѓе кои кажуваат едно и прават друго, ама исто така има и доста европратеници кои имаме искрени намери. Сакаме да помогнеме на кој било начин колку што можеме и сигурна сум дека зборувам и во име на многу мои колеги кога велам дека ми е срам кога го гледам сето ова што со години се случува на македонскиот пат кон ЕУ, потенцира соговорничката.
Иако главно се зборуваше за овие амандмани во Извештајот, некако на страна се ставаа, барем во Македонија, деловите во кои се пишува за корупцијата, „српски свет“, криминал, селективна правда…Околу тоа дали се прави дефокус во однос на реалните проблеми со кои се соочува земјата на патот кон ЕУ, Јовева делумно се согласува во споредба со тоа што е суштината на извештајот, но смет дека тој дефокус не се прави намерно.
-Нормално е дека идентитетот и јазикот е нешто многу битно за еден народ кој со години го лажат и го понижуваат некои си политичари, само поради тоа што со тоа собираат ефтини политички поени во својата држава, а не ни помислуваат на интерес на народот, ни на својот ни на било кој друг. Сите знаеме дека одредени реформи сеуште се потребни, но сакам да нагласам дека на тие реформи треба да се гледа како на напори за подобрување на животот на луѓето, а не како нешто што мора да се направи „само“ поради ЕУ, вели европратеничката и додава:
-Тоа што го прави Бугарија е неприфатливо, срамно и тажно. Како што кажав, причините за тоа се исклучиво добивање евтини политички поени на национално ниво. Неприфатливо е преговорите да се користат за решавање на билатералните проблеми на двете земји. Не е фер кон граѓаните да страдаат и да им се запира напредокот поради нешто што нема врска со реалноста, а ЕУ е тука некој кој што навистина мора да ги исполни ветувањата. Искрено, мислам дека во овој момент никој не е доволно паметен да каже што е реално и што не е. Знам дека е тешко и знам и дека не е фер ама не зависи од мене. Најреално мислам дека друга опција освен уставните измени во овој момент нема, посочува Јовева за реалните опции за деблокадата на преговорите на Македонија со ЕУ.
Еврокомесарката Марта Кос не потсети на вкусната македонска кујна и порача дека идентитетот на македонскиот народ е пинџурот, тавче-гравчето полнетите пиперки – нешто што беше дочекано со голем број критики во земјава од страна на јавноста. Како Европејците го перцепираат македонскиот идентитет? Дали реториката на Кос за македонскиот идетитет го отсликува ставот на ЕУ за идентитетските прашања? Според европратеничката со македонско потекло, еврокомесарката лошо се изрази и не беше сфатена на вистински начин.
-Лично ја познавам Кос и вистински сум и пријателка. Вистинските пријатели ќе те пофалат ако е нешто за пофалба, исто така и ќе те критикуваат кога е нешто за критика. Марта ги знае моите критики, особено во врска со ситуацијата во Србија, но во овој случај искрено мислам дека само незгодно се изрази. Секако не е за аплаудирање тоа што ѝ се случи, но мислам дека само сакаше да го каже тоа што сите го знаеме – идентитетот не може никој да го земе на еден народ кој што постои со векови. Европејците (не сите, знаеме кој сака поинаку да е ама нема да успеат) не се мешаат во тоа. Јасно им е дека македонскиот народ е македонски, дека македонскиот идентитет е македонски и дека македонскиот јазик е македонски. Точка, заклучува Јовева во разговорот.
Н.П.