Кина ќе дозволи јуанот да ослабне за дури десет до 15 отсто како одговор на трговската војна што би можела да ја иницира новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, се вели во извештајот на банката JP Morgan.
Во белешката со наслов „Се подготвува бура“, економистите на банката прогнозираат дека Вашингтон ќе ги зголеми тарифите за стоките од Кина од сегашните 20 проценти на 60 проценти, што би можело да го забави економскиот раст на Кина во 2025 година од најавените 4,8 проценти во 2024 година до 3,9 проценти.
Трамп оваа недела вети дека ќе воведе царини од 25 отсто за целиот увоз од Канада и Мексико и дополнителни 10 отсто за кинеските производи.
Новоименуваниот американски трговски претставник Џејмисон Грир одигра клучна улога во наметнувањето царини за Кина за време на првиот мандат на Трамп, пишува Блумберг.
Пошироко, JP Morgan предвидува дека најавените царини на Кина ќе го забават растот на новите пазари од 4,1 отсто оваа година на 3,4 отсто во 2025 година.
Мерките на Трамп ќе удрат силно во земјите во Азија како Малезија и Виетнам, а најмалку во Индија, се додава во извештајот.