Јавното претпријатие Паркови и зеленило изрази жалење за денешниот инцидент во Општина Карпош, каде што дете беше повредено од падната гранка и нагласуваат дека дрвото не било обележано за сечење.
„Најостро ги демантираме наводите на Општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење. До нашето претпријатие не пристигнало никакво барање за интервенција, ниту пак е издадено соодветно решение за сечење“, велат од Паркови и зеленило.
Од претпријатието истакнуваат дека секогаш постапуваат по барањата за интервенции врз дрвјата и дека досега одговориле на сите барања од Општина Карпош.
„Според член 29, став 2 од Законот за урбано зеленило, општината е должна во рок од седум дена да донесе решение за потребата од сечење или кастрење на оштетено дрво и да го обележи со соодветен знак – ‘С’ за сечење или ‘К’ за кастрење, на височина од 130 сантиметри. Во овој случај, евидентно е дека дрвото не било обележано на предвидениот начин“, додаваат од ЈП Паркови и зеленило.
Претпријатието смета дека надлежните од општината го злоупотребуваат овој немил настан, нагласувајќи дека ако навистина постоела потреба од сечење, токму Општина Карпош требало да поднесе соодветно барање.