Германскиот репрезентативец Давид Раум е потенцијално ново засилување на Манчестер Јунајтед. Според „Скај Спорт Германија“, „црвените ѓаволи“ веќе започнале разговори со Хофенхајм за 24-годишниот лев бек. Цената на фудбалерот се движи меѓу 30 и 35 милиони евра.
Раум остави впечаток минатата сезона, во која за Хофенхајм одигра 35 натпревари на сите турнири, постигнувајќи 3 гола и 13 асистенции. Тој веќе е составен дел од германската репрезентација и се очекува да биде стартер на Светското првенство во 2022 година.
Покрај Манчестер Јунајтед, интерес за бекот покажуваат уште неколку клубови, меѓу кои Њукасл, Вест Хем и Борусија Дортмунд. „Жолто-црните“ ќе излезат со конкретна понуда доколку во наредните денови се разделат со еден од Нико Шулц и Рафаел Гереиро.