Јутјуб го суспендираше канал на „Скај њуз“ поради дезинформации за Ковид

од Vladimir Zorba
266 прегледи

Јутјуб објави дека го суспендирал ТВ каналот „Скај њуз Австралија“ од својата платформа на една недела поради лажни информации за „Ковид-19“.

Ова се случи врз основа на анализа на снимка објавена од тој ТВ канал во сопственост на медиумскиот магнат Руперт Мардок.

„Имаме јасна политика за лажни информации за Ковид-19 (…) со цел да спречиме ширење лажни информации за коронавирус што можат да му наштетат на светот“, се вели во соопштението на Јутјуб.

Со 1,86 милиони претплатници на Јутјун, каналот, кој е во сопственост на огранок на медиумската група на Мардок „Њуз Корп“, го следат луѓе и далеку од Австралија.

Неговите објави, од кои некои го доведуваат во прашање постоењето на пандемијата и ефективноста на вакцините, се широко споделени на социјалните мрежи низ целиот свет.

Пред три дена, каналот објави колумна во која водителот, познат по противењето на здравствените ограничувања, особено ја критикуваше одлуката на властите да ја продолжат мерката „затворање“ во Сиднеј.

„Скај њуз“ потврди дека е привремено блокиран од Јутјуб, а портпаролот рече дека каналот „поддржува дискусии и дебати за различни теми и гледишта, што е од витално значење за секоја демократија“.

„Ние сериозно ја сфаќаме нашата посветеност да ги исполниме очекувањата на редакцијата и заедницата“, додаде тој.

Јутјуб има три вида казни за прекршувања: првата е суспензија од една недела, потоа две недели за повторување на прекршокот во рок од 90 дена и конечно трајно отстранување од платформата.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше суспендиран од Јутјуб на почетокот на 2021 година.

Видео платформата е во сопственост на Алфабет, матичната компанија на Гугл.

Слични содржини