Јувентус излезе со нова шема за привлекување на Паредес

од Vladimir Zorba
264 прегледи

Раководството на Јувентус излезе со нов план за привлекување на Леандро Паредес од Пари Сен Жермен. Тимот од Торино веќе ги договори сите детали од зделката, но проблемот е што клубот сака прво да ослободи простор во својот тим пред да го финализира трансферот на Аргентинецот. Ова може да се случи со испраќање на Николо Ровела на позајмица во Монца.

Досега Јувентус се обидуваше да се раздели прво со Адриен Рабио, а потоа и со Артур Мело. Французинот беше блиску до трансфер во Манчестер Јунајтед, но зделката пропадна во последен момент. Артур имаше опција да се пресели во Валенсија, но и таму двата клуба не успеаја да постигнат договор.

Така, Јувентус мораше да излезе со друга опција. На крајот беше одлучено да се испрати 20-годишниот Ровела на позајмица во Монца. Двата клуба се очекува за неколку часа да се договорат за овој трансфер, по што веднаш ќе пристапат кон финализирање на потписот на Паредес, кој ќе ги помине задолжителните лекарски прегледи и ќе го потпише договорот со „бјанконерите“. Аргентинецот ќе пристигне на позајмица на една сезона со опција за откуп за 15 милиони евра.

Ровела беше купен од Јуве во јануари од Џенова за 23,3 милиони евра, но беше оставен да ја доигра сезоната со тимот. Тој дојде во редовите на „старата дама“ ова лето и се очекуваше да има важен дел во тимот во текот на сезоната, но се чини дека плановите на торинезите се променија и тој сега ќе биде вратен на позајмица во Монца.