Италија е една од “болните ” во Европа – земјата тоне во долгови. Економијата сепак во последно време расте и од грчко сценарио нема опасност, освен ако не се вмешаат малициозни шпекуланти, сметаат аналитичарите.

Само пред неколку години изгледаше дека Италија – со огромниот долг, економската стагнација и безбожно надуениот јавен сектор – неизбежно ќе западне во депресија и ќе ја повлече надолу цела Европа. Но веќе не се слушаат ниту прокоби ниту инвеститорите се сметаат “за” и “против” опстанокот. Независно од тоа третата по големина економија во еврозоната уште е притисната до ѕид и иднината е нејасна.
Рецесија и адаптација
Новата ситуација наметнува нов пристап – како што покажува случајот со Чинција која заедно со сестрите држи мала слаткарница во Рим. Семејството уште пред неколку години стави крај на традицијата, според која август е месец на задолжителен летен одмор. “Клиентите веќе не одат на долги одмори, а во сегашната економска криза не можеме да си дозволиме да губиме промет, ако затвориме во август”, објаснува Чинција.
Бидејќи веќе ги нема времињата во кои малите слаткарници напредуваа благодарение на раката лојални купувачи, подготвени со широки прсти да трошат за колачи и торти при секоја пригода. “Во текот на рецесијата бевме принудени да работиме напорно за да го прошириме кругот на клиенти, бидејќи сите многу внимателно си ги бројот парите и строго избираат што купуваат”, вели Чинција. Како и многу други Италијанци, и таа се прилагодува на новото време и гледа да ја издржи кризата без да отпушта персонал. И пак како и многу други, таа смета дека сегашната ситуација не е нешто привремено – така ќе биде и во иднина.
Офанзивата на Ренци
Точно дека неодамна Италија дава знаци за економско заживување. Во последниот квартал индустриското производство се зголеми за три проценти, главно благодарение на автомобилското производство и машино-производството. Премиерот Матео Ренци смета тоа за доказ дека даночните олеснувања кои ги воведе, веќе даваат плодови. Тој додава и дека невработеноста се намалила и работодавците се почесто вработуваат луѓе на долгорочни договори. Но голем број набљудувачи приговараат дека премиерот жонглира со статистиката, бидејќи многумина целосно го напуштиле пазарот на трудот и поради тоа веќе не влегуваат во бројката на невработени. А долгорочните договори всушност не се нови работни места – само многу луѓе одат од привремен на постојан договор. Дури економскиот раст може да се објасни со надворешните фактори, тврдат критичарите: ниските цени на нафтата, слабото евро, што го олеснува извозот, како и вонредно ниските камати.
Онака, младиот и енергичен премиер се обидува да создаде кај луѓето чувство дека италијанската економија е во подем. Оваа недела тој го обелодени својот нов “договор со Италијанците”, кој предвидува даночни олеснувања од над 50 милијарди евра во наредните пет години, вклучувајќи отстранување на крајно непопуларниот данок на ” станбена сопственост”.
Независно од сето тоа, државниот долг на Италија останува 130 проценти од бруто домашниот производ – на второ место во Европа по Грција. Да, Ренци ги поддржуваше барањата на Атина за помалку штедење и повеќе раст, но на крајот и тој ја повика Грција да ја прифати понудата на Европа. Италијанскиот премиер знае добро дека ако Грција банкротира и излезе од еврозоната, земјата ќе загуби повеќе од 40 милијарди евра.
Клучната улога на реформите
Во моментов многумина Италијанци со горчина констатираат дека јавниот сектор е неефикасен дека даноците се голем товар, а корупцијата цвета. Сепак не веруваат дека Италија може да тргне по патот на Грција.
“Единствениот ризик за Италија се ако големите финансиски институции одлучат да го нападнат земјата”, вели коментаторот Антонио Пекораро Сканио. “Така беше пред неколку години, кога тие мислеа дека сме премногу слаби. Ние сепак извршивме реформи и Италија се стабилизира, бидејќи ги применивме промените кои финансиските институции ги сакаа од нас.”
Сканио логично се грижи за тоа како грчката криза ќе влијае на Европа како целина, но не успева да сумира: “Се разбира – мора да им кажеме на Грците, дека се должни да ги спроведат реформите”.
Чинција е на истото мислење. И бидејќи се стега за краток одмор на грчките острови, се сеќава дека во Грција никогаш не добивала сметка во ресторан или хотел. “Точно – Италија има свои проблеми. Грција сепак треба да оди доста пат додека да се изедначи со другите во Европа, па дури и со Италија.”