Северна Кореја денеска не одговори на секојдневните комуникации преку меѓукорејската комуникациска линија, неколку часа откако истрела балистичка ракета со среден дострел во Пацификот, соопштија јужнокорејските власти.
– Пјонгјанг не одговори на повикот за отворена комуникација преку меѓукорејската комуникациска линија во девет часот, иако воената „жешка линија“ е во функција – изјави претставник на надлежното министерство во Сеул.
Тој додаде дека јужнокорејската влада се обидува да ја открие причината и дека не може да се исклучат технички проблеми, пренесува „Јонхап“.
Северна Кореја истрела балистичка ракета која прелета над Јапонија утринава, за првпат по пет години, што предизвика предупредување до населението на северот на таа земја да се засолни и привремено го прекина железничкиот сообраќај, извести „Ројтерс“, пренесува „Танјуг“.