Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, обзнани дека била нападната на плажа во Грција во перидот кога го судела предметот за поранешниот премиер Никола Груевски.
„Во периодот кога го судев предметот за поранешниот премиер Никола Груевски, кога ја објавив пресудата, после неколку дена отидов една недела на одмор во Грција, со моја другарка. Таму бев физички нападната на плажа, бев удрена со клоца во ногата, во пределот на глуждот. Имав голем оток, имаше модринка и со таква нога возев до Скопје, кажа Кацарска во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Кацарска рече дека не пријавила во полиција затоа што сметала дека е изолиран случај, но оти го прекинала одморот и наредниот ден се вратила во Скопје.
Кацарска истакна дека не се чувствува безбедна и дека нејзиното обезбедување кое го добила по претходна безбедносна проценка, а таа лично не барала во повеќе наврати спречило поголеми инциденти.
– Инаку да се чувствувам безбедна, не се чувствувам безбедна, затоа што постојано ова ми се случува. Се случува на пример да видите како некој стрчува накај мене, се гледа намерата физички да ме нападна и кога ќе го виде обезбедувањето, не само што се повлекува туку со трчање го напушта местото и ова се случува на јавни места, рече Кацарска.
Кацарска истакна дека нема сознанија кој стои зад овие напади и додава дека што и да каже би било во рамките на шпекулации.
Инаку Кацарска соопшти дека нема да предложи свој наследник за да не се сфати дека лобира за некој
– Нема да предложам ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд, да не помисли некој дека јас пренесувам нечија порака, дека некој ми кажал кого да предожам, или нешто слично. Знаете, секогаш нешто погрешно се толкува во јавноста, рече Кацарска.
Појасни дека гласањето е тајно, а за кого таа ќе гласа не може да каже. Инсистира дека досега никој не ѝ се јавил да лобира за никого.