Во време кога руската армија трпи огромни загуби на фронтот, почнуваат да доаѓаат удари од самото јадро на трупите на Путин. Имено, еден од најверните поданици на рускиот лидер, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, јавно го критикуваше раководството на руската армија поради украинската офанзива на североистокот на Украина.
Кадиров на својот канал на Телеграм истакна дека рускиот претседател Владимир Путин можеби не е свесен за вистинската ситуација на фронтот.
„Направија грешки и мислам дека ќе ги извлечат потребните заклучоци. Доколку денеска или утре нема промени во стратегијата, ќе бидам принуден да разговарам со раководството на Министерството за одбрана и раководството на државата за да им ја објаснам реалната состојба на теренот. Тоа е многу интересна ситуација. Би рекол дека е зачудувачка“, навел Кадиров, пренесува Гардијан.
Да потсетиме дека од почетокот на конфликтот во февруари, Крмељ замолчуваше различни личности со либерални ставови кои го критикуваа. Меѓутоа, како што работите се влошуваат на бојното поле, Путин се најде на удар на критики.
Тоа особено се гледа од објавите на одредени руски воени блогери, кои од почетокот беа за конфликтот во Украина, а сега го критикуваат Кремљ за лошата стратегија. Еден од нив е поранешниот офицер на ФСБ, Игор Гиркин, кој минатата недела напиша дека Русија веќе ја изгубила војната.
Во борбите учествуваа многу единици од Чеченија, и иако Кадиров изгледа многу лојален на Москва, тој е еден од ретките политичари чии пораки не се целосно контролирани од Кремљ.
Фокусот сега е на Путин и како тој ќе одговори на повлекувањето. Тој претходно ги премолчи тврдењата дека направил ужасна погрешна пресметка во февруари кога мислел дека руската војска може да ја прегази Украина за неколку дена.
Во неодамнешниот говор Путин рече дека Русија не изгубила ништо за време на конфликтот. Со оглед на тоа дека загубите во последните денови се големи, на граѓаните на Русија ќе им биде тешко да поверуваат во зборовите на Путин.
Покрај тоа, руските воени блогери силно го критикуваа Путин во саботата за присуството на прославата на Денот на Москва додека од бојното поле доаѓаа катастрофални вести.