Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, изјави дека во таа земја нема да има мобилизација.
Како што рече тој во гостувањето во телевизиско шоу, Чеченија „го надмина планот за 254 проценти“.
„Тој план во Чеченската Република беше надминат за 254 отсто. Ваквите показатели беа постигнати порано со формирањето на нови единици на Министерството за одбрана на Руската Федерација. Сите кандидати за служба поминале низ Воениот комесаријат. Тој механизам го разработивме од самиот почеток, уште пред најавата за делумна мобилизација“, рече Кадиров.
„Покрај тоа, Чеченија има резерва од илјадници доброволци кои, доколку е потребно, ќе можат да влезат во редовите на бранителите на татковината“, рече тој.
Во Грозни, главниот град на Чеченија, пред два дена се одржа мал протест против мобилизацијата. Кадиров им се закани на сите што ќе протестираат. Сепак, тој додаде дека чеченските мајки и сопруги можат да останат смирени, мислејќи дека нема да има мобилизација на членовите на нивните семејства.
„Затоа, го повикувам населението на Чеченската Република, особено нашите сакани и почитувани мајки, да останат смирени“, рече Кадиров.
Да потсетиме, Путин на 21 септември прогласи делумна мобилизација. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти. Киев одговори дека тоа е очекуван чекор и посочи дека тоа докажува дека работите на терен не одат според плановите на Москва.
Лидерите на западните земји го осудија овој потег на Москва и рекоа дека тоа е доказ дека специјалната операција на Путин пропаѓа, но дека може да дојде до ескалација на конфликтот.
Инаку, по прогласувањето на делумна мобилизација поскапеа сите летови од Русија.