Кадиров: Тргнавме во голема офанзива на Донбас

од Nikola Popovski
238 прегледи

Лидерот на Чеченија Рамзан Кадиров денеска соопшти дека одредот на руските специјални сили „Ахмат“ и „Вториот корпус на самопрогласената Луганска Народна Република“ започнале голема офанзива во самопрогласената Народна Република Доњецк против украинските сили.

„Нашите јуришници активно напредуваат во правец на Соледар, Јаковљевка, Северско. Паузата која беше направена од тактички причини се покажа како оправдана. Нема да ги откривам сите тајни, но благодарение на нашиот план, опколениот непријател откри сите негови позиции“, рече Кадиров, пренесува агенцијата РИА Новости.

Кадиров истакна дека „останува да се расчисти околу 60 километри територија“.

Чеченскиот лидер, повикувајќи се на командантот на специјалните сили Ахмат, Апта Алаудинов, рече дека украинските единици трпат огромни загуби во персонал и опрема.

„Дури и ако вооружените сили на Украина се обидоа да започнат контраофанзива, сега можат само да размислуваат како да се спасат“, додаде Кадиров.

Украина: Одбиени неколку напади, Русите ја продолжуваат офанзивата

Генералштабот на вооружените сили на Украина утринава соопшти дека украинската армија успешно ги одбила нападите на руските војници во областите Богородично, Пасика, Бахмут, Покровск, Пески и Первомајск, во областа Доњецк, но дека руските сили продолжуваат со офанзива во правец на Бахмут и Авдиевка.

Во текот на изминатиот ден, руските сили извршија повеќе од 10 ракетни и повеќе од 24 воздушни напади врз воени и цивилни цели на територијата на Украина, пренесува Интерфакс Украина.

Се додава дека во некои населени места е оштетена цивилната инфраструктура.

Во правец на Северск, Харков, Славјанск, Краматорск, Бахмут, Авдијевка и Запорожје, руските сили гаѓале воена и цивилна инфраструктура, соопшти украинскиот Генералштаб.