Употребата на „Орешник“ може да го натера Западот да почне да испраќа сигнали дека сака преговори, напиша чеченскиот лидер Рамзан Кадиров на својот канал на Телеграм.
„Јас, како и десетици илјади војници на линијата на фронтот, долго време ја чекав оваа изјава од врховниот командант. Време е, како одговор на непријателските напади, да ги гаѓаме воените објекти во позадина, за да не остане ниту еден камен. На запад седат во удобни фотелји, па нека почувствуваат од прва рака што е вистинска војна. Треба да се изврши силен напад и врз објектите на оние земји кои се плашат отворено да го признаат своето учество во војната“, рече тој.
Чеченскиот лидер додаде дека е невозможно да се користат ракети со среден и краток дострел без учество на земјите производители.
„Сигурен сум дека по таков одговор веднаш ќе почнат да испраќаат сигнали за преговори, но ќе мора да седнат на маса само со едно барање – да ги исполнат апсолутно сите услови на Русија, без дискусија или барања за попустливост. Потребно е да се покаже целосната моќ на руското оружје со долг дострел, за не само украинските нацисти, туку и целиот Запад да треперат од страв и безнадежност пред нашиот напреден воен потенцијал. Сакаа вистинска војна со Русија? Еве им ја!“, напиша Кадиров.
Рускиот претседател Владимир Путин во својот синоќешен говор изјави дека на 21 ноември вооружените сили на Русија тестирале балистичка ракета со среден дострел без нуклеарно полнење „Орешник“. Руските вооружени сили извршија комбиниран напад врз воен објект во Украина како одговор на ракетните напади со долг дострел врз Русија. Нападот е извршен врз воената фабрика „Јужмаш“ во Дњепропетровск, каде меѓу другото, според руските наводи, се произведува ракетна технологија. По зборовите на Путин, проектилот не може да биде пресретнат од современи системи за противвоздушна одбрана.