Го остваривме аманетот на Блаже Конески, македонскиот јазик признаен од сите, на исто рамниште со останатите јазици на ЕУ, изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски за потпишувањето на Договорот за Фронтекс на македонски јазик.
Според него, Договорот е одобрен од сите 27 членки, а на него, заедно со македонскиот јазик стојат имињата и јазиците на сите земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги Грција и Бугарија.
Каевски потенцира дека со овој историски чекор, „пропаднаа грубите лаги и манипулации на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, на Левица и Димитар Апасиев“.
-Токму тие со месеци лажеа дека македонскиот јазик ќе биде избришан, организираа насилни протести, навредуваа и се закануваа кон пратеници, а на крајот кога се гласаа заклучоците кои даваат цврста гаранција за македонскиот јазик, избегаа од салата. Сопствениот мајчин јазик, македонскиот јазик го омаловажуваа нарекувајќи го бугарски дијалект и „северџански“ јазик со што нанесуваа штета врз македонскиот јазик, но и македонскиот идентитет, рече Каевски.
Тој побара од Мицкоски и Каевски „да им се извинат на граѓаните што со месеци ги лажеа, што организираа насилни протести и ги хушкаа граѓаните да прават инциденти и да им се закануваат на пратеници“.