За многумина, кафето е суштински дел од работниот ден, но ново истражување на шведски научници покажува дека токму оваа „пауза за кафе“ може да има непожелни последици за здравјето на срцето. Истражувачи од Универзитетот во Упсала и Технолошкиот универзитет Чалмерс во Гетеборг го испитале составот на кафето од 14 различни канцелариски машини користејќи пет марки.
Тие откриле дека повеќето од овие машини ослободуваат високи концентрации на кафестол и кахвеол – природни соединенија од зрна кафе, за кои е докажано дека го зголемуваат нивото на лош LDL холестерол и имаат штетно влијание врз кардиоваскуларниот систем, пишува People.
Најголемиот проблем се канцелариските апарати за кафе и традиционалното приготвување кафе во ѓезве, кои ослободуваат најголем дел од овие супстанции.
Спротивно на тоа, хартиените филтри, како оние што се користат во домашните апарати за кафе, ефикасно ги отстрануваат повеќето штетни соединенија.
„Филтрацијата игра клучна улога во одредувањето колку штетни соединенија завршуваат во нашата шолја“, вели водечкиот истражувач професор Дејвид Егман.
„За оние кои пијат повеќе шолји дневно, филтрираното кафе е секако подобар избор.“
Студијата, објавена во списанието „Исхрана, метаболизам и кардиоваскуларни болести“, повикува на претпазливост, особено во Европа, каде што повеќе од 50 проценти од возрасната популација има покачен холестерол.
Иако се потребни повеќе истражувања, заклучокот е јасен – начинот на кој го подготвуваме кафето има поголемо влијание врз здравјето отколку што се сметаше претходно.