Триесет и шест паркинг места се ослободени во катната гаража „Беко“ откако ЈП Градски паркинг спроведе акција за дислоцирање на некористени службени возила и ослободување на „резервирани“ паркинг места.
„Во гаражата, на кат -1, подолг временски период беа паркирани сужбени возила кои не се користеа и непотребно зафаќаа 12 означени паркинг места. Исто така, имаше и 24 паркинг места кои до сега од непознати причини беа ‘резервирани’ за непознати корисници, а паркирање на тие места не беше дозволено. Со акцијата се ослободија вкупно 36 паркинг места и се ставија во функција на корисниците. Воедно, службите на претпријатието извршија машинско чистење на кат -1 со што целосно се отстрани насобраниот смет“, соопшти денеска претпријатието.
Катната гаража „Беко“ е лоцирана на улицата Даме Груев во строгиот центар на градот и располага со вкупно 605 паркинг маста, организирани на 2 ката подземно ниво и 6 ката надземно ниво. Од вкупниот број паркинг места, 16 се резервирани за лицата со попреченост и 3 за родители со мали деца, сите соодветно обележани со хоризонтална сигнализација. Паркинг местата за родители со мали деца се наоѓаат на кат -1, а паркинг местата за лицата со попреченост се соодветно распределени по катови. Исто така, на кат -1 поставен е еден електричен полнач со два излеза за електрични автомобили. Полнењето и паркирањето за време на полнењето на електричните автомобили е бесплатно.
Цената за час паркирање во катната гаража изнесува 30 денари, а услугата паркирање на месечно ниво за вработени, физички и правни лица изнесува 2.000 денари. Доколку заинтересираните корисници од категориите физичко и правно лице склучат договор на годишно ниво и извршат еднократна уплата за цела година, цената изнесува 20.000 денари.
Од Градски паркинг апелираат до корисниците да се грижат за хигиената на паркиралиштата и да не ги паркираат своите возила на обележаните паркинг места за лицата со попреченост и за родителите со мали деца. Исто така, апелираат граѓаните да ги користат и паркоматите за плаќање, како и кога плаќаат паркинг да ги оставаат автомобилите на нивното паркинг место, а не пред излезните рампи за да се спречи метежот пред излезот и да се овозможи слободен проток на возилата.