Како да се создаде чиста енергија од отпад од банана?

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Секоја година во Пакистан се создаваат милиони тони земјоделски отпад поради одгледување банани и други земјоделски култури. Со цел да се искористи овој отпад и да се донесат придобивки за локалното население, научниците се здружија за да развијат решенија кои ќе го претворат овој отпаден материјал во корисни производи.

Академици од Универзитетот Нортамбрија (Northumbria University) од Велика Британија ги здружија силите со колегите од Пакистан за да создадат ново решение. Заедно тие развиваат иновативен дводелен систем – првиот дел ќе користи нова технологија за претворање на отпадот од банана во текстилни влакна, додека вториот дел ќе го користи отпадот создаден од тој процес за производство на обновлива енергија.

Ова ќе придонесе за намалување на влијанието врз животната средина на пакистанската текстилна индустрија, но исто така ќе обезбеди чиста енергија за 50 проценти од населението од руралните области кои немаат пристап до мрежата и се потпираат на фосилни горива.

Истражувачки тим смислил процес за извлекување на влакна од остатоците од растенијата банани, кои обично се фрлаат. Овие влакна може да се користат за производство на текстил кој не е само еколошки, туку е и издржлив и повеќенаменски. Можните употреби вклучуваат сè, од облека до домашни работи, обезбедувајќи одржлива алтернатива на традиционалните материјали.

Дополнително, преостанатата биомаса од растенијата за банана ќе се користи за производство на обновлива енергија. Овој двоен пристап не само што го олеснува управувањето со земјоделскиот отпад, туку придонесува и за производство на чиста енергија.

„Процесот има потенцијал и може да се примени на речиси секоја форма на земјоделски отпад, што значи дека може да се користи ширум светот, придобивка за заедниците и животната средина преку снабдување со обновливи текстил и енергија“, соопшти Универзитетот Нортамбрија.

Проектот, насловен како „Подобрување на пристапот до одржлива енергија во рурален Пакистан со користење на отпадот од агро-храна и влакна како обновливо гориво (SAFER)“ доби околу 300.000 фунти преку Националната агенција за иновации на Велика Британија.

Се проценува дека индустријата за одгледување банани во Пакистан произведува околу 80 милиони тони земјоделски отпад секоја година. Ова може да резултира со производство на над 57.488 милиони кубни метри синтетички гас, познат и како син-гас (гас создаден преку хемиски процеси со користење на отпадни производи), како и 30 милиони тони биоѓубрива збогатени со азот.

Еколошката револуција веќе започна во Уганда, каде отпадот од банана се претвора во одржлив текстил, биоразградливи екстензии, веганска кожа или јагленисани остатоци во брикети без чад, нудејќи решенија за чиста енергија.

Слични содржини