Клучно во настојувањето на Pfizer, Moderna и другите фармацевтски компании да создадат вакцина против коронавирусот е пронаоѓање на илјадници доброволци кои сакаат да бидат дел од клиничките испитувања.
Дописничката на AFP во Мајами, Лејла Мекор била дел од истражувањата на американска Moderna, којашто неодамна објави дека нејзината експериментална вакцина е 95% ефикасна.
Мекор, која инаку има астма, одлучила да се пријави за доброволно вакцинирање, само неколку недели откако починал нејзиниот татко поради компликации од Ковид-19.
“Лаборантите ми ја објаснија постапката. Добив и документ на 22 страници со сите детали. Испитувањето се состои од две дози. Доброволците добиваат по 2.400 долари за двегодишно истражување. Предупредени сме за можните нус појави, од болка на местото на боцкање до температура и треска. 30.000 доброволци беа поделени во две групи, едната добива вакцината, а другата плацебо“, објаснува Мекор, која додава дека никој не знае во која група се наоѓа.
Таа од лабораторијата добила апликација за следење на температура и каде што може да пријави ако има некакви симптоми. Добила и тест за бременост по што ѝ било кажано да користи контрацепција додека траат испитувањата бидејќи не се познати можните нус појави врз плодот.
“Кога дојдов дома, раката ме болеше малку. Се прашував дали е тоа знак дека сум ја добила вакцината? Три дена пребарував на интернет за местото каде што бев боцната, за болката во мускулите и слични појави, но не најдов ништо. Втората доза пристигна во септември. Ме болеше повеќе и подолго време. Груб црвен оток се појави на местото на убодот. Но, јас уште не знам дали тоа беше вакцината или плацебо. Морам да почекам Moderna да ми го каже тоа еден ден“, вели таа.
Смета дека тоа што била дел од клиничкото испитување за вакцината успеала да најде начин да ја канализира тагата од загубата на нејзиниот татко.