Елон Маск, еден од најбогатите луѓе на светот, во една прилика содели како открива дали некој го лаже на интервју за работа, а неговиот метод го потврди и науката.
„Кажете ми за најтешките проблеми на кои сте работеле и како сте ги решиле“, е задачата што Маск ја поставува за кандидатите во интервјуата за работа.
Има добро објаснување за тоа.
„Луѓето кои навистина го решиле тој проблем точно знаат како го решиле. Тие можат да ги опишат и најмалите детали“, рече Маск на World Government Summit во 2017 година.
Неговиот метод се потпира на идејата дека некој што дава лажно тврдење, нема способност убедливо да го поткрепи. Затоа тој сака да ги слушне како чекор по чекор објаснуваат за тоа како работеле на решавање на проблем.
Истражувањата го потврдија методот на Маск
Една студија објавена во Journal of Applied Research in Memory and Cognition минатата година откри неколку пристапи за откривање лажговци, користејќи техника за интервју за работа што ја поддржува ефективноста на она што го правеше Елон Маск со години, пишува CNBC.
Една таква техника, наречена асиметрично управување со информации, е дизајнирана да му обезбеди на испитаникот средства за докажување на неговата / нејзината невиност или вина на истражителот, преку детални информации.
„Малите детали се крвотокот на форензичките истраги и можат да им обезбедат на истражителите клучни информации за верификација, како и сведоци што можат да ги испитаат“, велат авторите на студијата.
Тие, исто така, нагласуваат дека испитувачите треба да им дадат јасни упатства на испитаниците дека „ако дадат подетални изјави за настанот за кој се прашуваат, тогаш истражителите ќе можат полесно да откријат дали ја кажуваат вистината или лажат“.
Студијата открива дека раскажувачите на вистината „обично сакаат да ја покажат својата невиност со давање на подетални информации како одговор“.
„Напротив, лажговците сакаат да ја прикријат својата вина. Ова значи дека тие имаат поголема веројатност стратешки да ги задржат информациите како одговор на овој метод. Тие претпоставуваат дека обезбедувањето повеќе информации, ќе му олесни на истражителот да ги открие нивните лаги, па наместо тоа, тие даваат помалку информации“, заклучуваат авторите на студијата.