Бројот на луѓе кои доживуваат симптоми на сезонски алергии се зголемува во последните 20 години, а во неколку европски земји оние кои се алергични на полен едвај имаат неколку недели годишно без симптоми.
Експертите го припишуваат зголемениот ризик од појава на симптоми на алергија на повисоките температури, бидејќи претходниот јануари беше најтопол откако има мерења во Европа. На пример, во Франција, специфичните метеоролошки услови предизвикаа зголемено присуство на полен во воздухот.
„Во поголем дел од земјата моментално дуваат ветрови во правец југозапад-североисток, што го шири поленот. Тој се движи од јужните предели каде што цветовите веќе расцветале и затоа поленот е веќе во воздухот во северната област, каде што поленот сè уште не е ослободен“, рече за Еуроњуз „Дејвид Фаранда“ од Францускиот национален центар за научни истражувања.
Дрвјата цветаат порано
Националната мрежа за аеробиолошки надзор во Франција минатата недела предупреди дека особено е зголемено присуството на полен од леска и евла. Дополнително, најавена е и зголемена концентрација на полен од дрвјата од семејството на чемпрес (кедар и смрека), што драстично ќе го зголеми ризикот од алергии.
Карл Кристијан Бергман од германската информативна служба за полен за „Еуроњуз“ изјави дека во последните дваесет години поленот во воздухот почнал да се појавува порано, особено од леска и бреза.
Нивоата на полен од бреза особено се разликуваат од година во година, но Бергман истакнува дека има тенденција да се зголемува.
„Не е дека има повеќе полен, но сезоната започнува порано од вообичаено“, рече тој, додавајќи дека загадувањето на воздухот во градовите може да ги промени протеините во алергените.
Имено, полска студија објавена минатата година во стручното списание „PLOS One“ покажа дека брезите во високо загадените градови, на пример, содржат повисоки нивоа на главниот алерген. Затоа авторите во својата работа препорачаа дрвјата кои најчесто предизвикуваат алергии да не се садат во загадени градови.
Климатските промени влијаат на сезоната на алергии
Годинава во Германија тисата почна да „цвета“ веќе на почетокот на февруари, односно порано од вообичаеното поради високите температури, вели Матијас Мерџан од Информативната служба за полен.
Извештајот на француската влада од 2014 година предупреди дека климатските промени може да ја продолжат сезоната на алергии на полен, да ја променат географската дистрибуција на поленот и да ја зголемат неговата концентрација во воздухот.
Истакнува дека загадувањето на воздухот може да „комуницира“ и со полен и алергии.
Порано започнување и продолжување на сезоната на алергии во есен значи дека има многу малку период од годината без алергени.
„Ако сте алергични на полен од дрвја, треви и, да речеме, ајдучка трева, тогаш имате многу малку време – две, три или четири недели без полен во воздухот“, вели Бергман.
„За споредба, пред дваесет години имавме најмалку три или четири месеци без полен“, додава тој.
Фаранда вели дека сезоната на алергии може да престане во текот на зимата кога температурите паѓаат, а потоа да продолжи.
„Фактот што се уште сме во зима според календарот овозможува во одреден момент во март или дури февруари да имаме постудено време што ќе ја запре сезоната на алергии, ќе го запре цветањето на многу видови и ќе стави пауза во сезоната на алергии, која потоа повторно ќе започне подоцна“, додава експертот.
„Така треба да биде и во иднина, со зголемени емисии на CO2 и климатски промени“, додаде Фаранда.