Како одговор на економската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, германската влада размислува да повлече 1.200 тони германско злато од трезорот на ФЕД.
Германија има втори најголеми резерви на злато во светот по САД – 3.375 тони, а моменталната вредност на германското злато се проценува на околу 280 милијарди евра, пишува германскиот дневен весник „Bild“.
Високи функционери на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која се очекува да ја предводи идната германска влада, разговарале за повлекување на златото од американската каса поради сомневање дека официјален Вашингтон повеќе не е доверлив партнер.
Дека ова прашање е на дневен ред потврди и поранешниот министер во германската влада Марко Вандервиц. Вандервиц претходно лобираше да му биде дозволено да го посети трезорот во Њујорк каде се чува германското злато, но неговото барање беше одбиено во 2012 година.
„Речиси 37 отсто од германското злато, вредно околу 100 милијарди евра, им го доверивме на САД со надеж дека ќе можеме директно да го замениме златото за американски долари во случај на криза (војна, природни катастрофи, колапс на валутата итн.). Златото до сега се чуваше во политички независната американска централна банка“, нагласи Мајкл Јегер од Европската асоцијација Такс.
Германија успеа да закрепне економски по Втората светска војна благодарение на значителното зголемување на извозот и создавањето на големи трговски суфицити во бизнисот со другите земји, кои со текот на времето беа претворени во златни резерви.