Како смртта на лидерот на Хамас ќе влијае на преговорите за прекин на огнот?

од Илинка Илиоска
33 прегледи

Водачот на Хамас Исмаил Ханије е убиен денеска во Техеран, објавија во одделни соопштенија Хамас и Иранската револуционерна гарда.

Хамас вели дека жали за смртта на Ханије, кој беше убиен во „предавнички ционистички напад врз неговата резиденција во Техеран“. Тој вчера присуствуваше на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на Иран.

„Рано утринава беше погодена резиденцијата на Исмаил Ханије во Техеран, што резултираше со мачеништво на него и еден од неговите телохранители. Причината се истражува и наскоро ќе биде објавена“, соопшти иранската Револуционерна гарда.

Како млад човек, Исмаил Ханије бил студентски активист на Исламскиот универзитет во Газа. Тој се приклучи на Хамас кога беше основан во 1987 година, по што беше уапсен и накратко депортиран. Тој се залагаше за вклучување на Хамас во политиката. Така, во 1994 година, тој рече дека формирањето на политичка партија „ќе му овозможи на Хамас да се справи со новите случувања“.

Раководството на Хамас првично ја отфрли идејата, но подоцна ја одобри. Ханије имаше краток мандат како палестински премиер – тој беше назначен во 2006 година, но беше сменет една година подоцна откако Хамас го протера ривалот Фатах од Појасот Газа.

Тој беше избран за шеф на политичката канцеларија на Хамас во 2017 година, а во 2018 година американскиот Стејт департмент го прогласи за терорист. Последните неколку години беа живи во Катар.

Кога новинарите на Ројтерс го прашаа Ханије во 2012 година дали Хамас се откажал од вооружената борба, тој одговори – се разбира дека не. Тој додаде дека отпорот ќе продолжи во сите форми; како народен, политички, дипломатски и воен отпор.

Смртта на политичкиот водач на Хамас Исмаил Ханије е „првата голема израелска операција од 7 октомври“, рече аналитичарот за политика и надворешна политика на Си-Ен-Ен, Барак Равид. Иако Ханије не е воено значаен, тој е задолжен за меѓународните односи на групата и е клучен соговорник со египетските и катарските посредници во договорот за заложници и прекин на огнот во Газа, рече Равид.

„Неговото убиство ќе има значително влијание врз тие преговори“, рече тој. Израелската влада гледа на Ханије како еден од одговорните за нападот на Хамас на 7 октомври, а израелските власти ветија дека ќе ги ловат одговорните за нападот пред 10 месеци, кој сега го втурна Блискиот Исток во конфликт.

Слични содржини