Постои врска помеѓу загадувањето на воздухот и коронавирусот, што може да значи дека подобрувањето на квалитетот на воздухот е клучен дел за ублажување и сузбивање на вирусите, потсетуваат некои научници.
Додека луѓето останаа затворени во изолација, чистото сино небо над градовите низ целиот свет стана знак за пандемија. Оваа позитивна промена е добредојдена за многумина, особено затоа што загадувањето на отворено убива околу 4,2 милиони луѓе низ целиот свет секоја година.
Американски истражувачи веруваат дека загадувањето на воздухот значително ја влоши епидемијата на коронавирус и доведе до повеќе смртни случаи. Покрај тоа што гледале луѓе кои со децении живеат со загаден воздух, истражувачите сугерираат и дека загадените честички на воздухот можат „да дејствуваат како возила за вирусот“ и да придонесат за негово ширење, пренесува Би-Би-Си.
Овие нови откритија може да имаат значително влијание врз одлуките на владите да ги олеснат забраните за движење во наредните месеци, бидејќи научниците велат дека подобрувањето на квалитетот на воздухот би можело да игра важна улога во надминување на пандемијата.
Една неодамнешна студија откри дека дури и малите зголемувања на штетните честички, познати како PM2.5, имаат огромен ефект врз ширењето на вирусот во Соединетите држави. Зголемувањето на само еден микрограм на метар кубен одговара на 15 проценти зголемување на смртноста од „Ковид-19“, според истражувачите предводени од Ксијао Ву и Рејчел Нетери на Т.Х. Чан школата за јавно здравје на Универзитетот Харвард.
Истражувачите специјално се осврнаа на Њујорк, велејќи дека загадувањето во овој американски град може да игра голема улога во обемот на епидемијата на коронавирус.
„Доказите што ги имаме се прилично јасни. Луѓето кои живеат на загадени места имаат поголем ризик да умрат од коронавирус“, рече Арон Бернштајн, директор на Климатскиот центар на универзитетот Харвард.
Иако ова истражување допрва треба да биде разгледано од независни експерти, научникот Ксијао Ву потсетува дека ризикот од респираторни и срцеви заболувања секогаш бил поголем во области со поголемо загадување. Загадувањето на воздухот е исто така познато дека го слабее имунолошкиот систем, ја загрозува можноста на луѓето да се борат со инфекција, според Европската алијанса за јавно здравје.