Многу се славеше во руската Дума во 2016 година кога Доналд Трамп победи на изборите во САД. Но, овојпат Москва е повнимателна, вели Стив Розенберг, долгогодишен дописник на Би-Би-Си од Москва и одличен експерт за Кремљ.
Во ноември 2016 година, по објавувањето на победата на Доналд Трамп на американските избори, во рускиот парламент Дума беа отворени 132 шишиња пенливо вино. Ултранационалистичкиот политичар Владимир Жириновски и многу негови колеги беа убедени дека тоа значи трансформација на американско-руските односи. Ден по победата на Трамп, главната уредничка на државниот медиум „Русија Тудеј“ (Russia Today) на Твитер објави дека има намера да вози низ Москва со американско знаме на нејзиниот автомобил.
Во Москва се очекуваше Трамп да ги укине санкциите кон Русија, можеби дури и да ја признае руската анексија на украинскиот полуостров Крим, пишува долгогодишниот дописник на Би-Би-Си од Москва, Стив Розенберг.
„Најголемата вредност на Трамп беше што тој никогаш не размислуваше за човековите права во Русија“, вели Контантин Ремчуков, сопственик и главен уредник на весникот „Независна Газета“ (Независимаја газета).
Но, на Русите не им требаше многу време да се отрезнат од возбудата од победата на Трамп, бидејќи тој ги воведе досега најстрогите санкции кон Русија, а неговиот мандат на чело на САД разочара многумина од нив.
Осум години подоцна, руските функционери се повнимателни околу прогласувањето на претпочитан нов американски претседател. Рускиот претседател Владимир Путин призна дека ја „поддржал“ демократската кандидатка Камала Харис, велејќи дека му се допаѓа нејзиното „заразно смеење“, но секако тоа се протолкува како „руско тролање“.
Трамп седи на две столчиња
Од друга страна, претходните изјави на Трамп за војната во Украина веројатно навистина предизвикаа насмевка на лицето на Путин. Во текот на кампањата, Трамп постојано повторуваше дека сака војната во Украина да заврши што е можно поскоро, навестувајќи дека нема да биде толку со широки раце кога станува збор за помагање на Украина како неговиот претходник, се разбира, во случај да победи на изборите.
Во претседателската дебата, Трамп неволно го обвини Путин за руската инвазија на Украина но одби да каже дека сака Украина да ја добие војната. Но, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети, реториката на Трамп за таа војна веќе не е толку остра како што беше, иако тој сè уште инсистира дека таа треба да заврши што е можно поскоро.
Изненадувачки беше и неговиот став во интервјуто за „Волстрит Журнал“, во кое рече дека еднаш го предупредил Путин дека ако тргне кон Украина, „ќе го удри толку силно што не може ни да го замисли, во самиот центар на ѓаволската Москва“, откривајќи вака дел од разговорот на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков изјави дека Русија ќе заземе разумна позиција и нема да ја открие содржината на разговорите на високо ниво, додавајќи дека за жал голем број светски претставници не се придржуваат до оваа позиција и хигиената на информациите.
Ни Русите не се наклонети кон Харис
Демократската кандидатка Камала Харис тврди дека поддршката на Украина е стратешки интерес на САД и го нарече Путин „убиствен диктатор“. И руските државни медиуми не ја сакаат многу. Пред неколку недели, една руска водителка изјави дека Харис е целосно политички неспособна, сугерирајќи дека би било подобро да води телевизиско шоу за готвење.
Но, еден исход од американските избори секако би му одговарал на Кремљ – многу тесни резултати и, во најдобар случај, ситуација како по претходните избори, во кои Трамп би го оспорил губењето на функцијата претседател. САД оптоварени со постизборен хаос, конфузија и конфликт ќе имаат помалку време да се фокусираат на надворешните работи, вклучително и војната во Украина.
Американско-руските односи се влошија за време на Барак Обама, станаа уште полоши за време на Трамп, а според зборовите на неодамна починатиот руски амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, тие се „распаѓаат“ во времето на Џо Бајден. Само осум месеци откако Путин и Бајден се сретнаа на самитот во Женева, рускиот лидер нареди инвазија на Украина.
Всушност, сега е тешко да се поверува дека не толку одамна Русија и САД ветија дека ќе работат како партнери за зајакнување на глобалната безбедност. Кон крајот на 1980-тите, Роналд Реган и Михаил Горбачов склучија геополитички двоен договор за намалување на нуклеарниот арсенал на нивните земји.
Во 1991 година, првите дами на СССР и САД, Раиса Горбачова и Барбара Буш, открија необичен споменик во Москва – мајка патка со осум пајчиња. Тоа беше реплика на скулптурата во Бостон и беше претставена во Москва како симбол на пријателството меѓу советските и американските деца.
Како и самите руско-американски односи, бронзените патки беа неколку пати оштетени, а во една прилика дури и украдени, по што мораше да се заменат.