Какви се оценките за Македонија во новиот Извештај на ЕК: „Најважно е што нема назадување, но нема простор за големо задоволство од постигнатото“

од Nikola Popovski
344 прегледи

Нема напредок во судскиот систем на Северна Македонија, ниту во превенцијата и борбата против корупцијата, се вели во годишниот извештај на Европската комисија (ЕК) објавен денеска за земјите кандидати за членство во ЕУ. Извештајот за 2023 година го издвои Судскиот совет за контроверзната смена на претседателката Весна Дамева, предизвикувајќи загриженост за негативно политичко влијание врз работата на телото. Европската комисија наведува дека во Северна Македонија корупцијата е сè уште широко распространета во многу области и предизвикува загриженост. Се забележува е дека судењата за висока корупција се одложуваат и се враќаат на повторно судење, што во некои случаи доведува до застареност на делото. Европската комисија смета дека набрзина усвоените измени на Кривичниот законик за намалување на максималните казни за случаите на корупција имаат штетен ефект врз способноста на властите да ги истражуваат и гонат таквите дела. Северна Македонија беше пофалена за нејзиниот добар напредок во целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

И додека главните политички партии се препукуваат и различно го толкуваат извештајот, дел од експертската јавноста смета дека и покрај слабостите, нема назадување на земјата на патот кон ЕУ. Професорката на правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Чупеска во разговор за „Локално“ вели дека на самиот почеток, во делот на политички критериуми, се нагласува дека сите партии треба да соработуваат, да овозможат конструктивен дијалог за уставните измени, кои што треба да се случат и тоа е од особена важност, и тоа е фронтално во Извештајот.

Ана Чупеска

Нагласено е и дека треба да се намали поларизацијата меѓу сите политички актери.

-Потребно е да има конструктивен и инклузивен политички дијалог во Собранието, особено за реформите поврзани со ЕУ. Се укажува на потребата да се донесат уставните измени, како и обврските од дијалогот „Жан Моне“. Да, детектирани се слабости кај владеење на правото, корупцијата, и употреба на европско знаменце, но од градациите на квалификациите нема никаде детектирано назадување. Тоа значи дека и понатаму треба да се работи на подобрување на состојбата, посочува професорката.

Чупеска истакнува дека е особено важно да се нагласи дека имаме напредок во околу 80% од областите, а назадувањето е нула.

-И овие слабости не се скриени од јавноста, напротив сите ние ги знаеме и верувам сите сакаме да ги санираме, затоа и кон Извештајот детално е дополнет и детален план за раст. Со други зборови, првпат имаме дирекна алокација на пари за да ги продолжиме реформите кои се неопходни во вредност од околу 1 милијарда евра, ни рече соговорничката.

Сепак, оценува за да може ова да се случи, мора да се даде политички импут, од сите субјекти, да има деполаризиран амбиент, да има конструктивен дијалог. Затоа што и реформските процеси и пристапниот процес изискуваат консензус.

Дека реформите се особено важни соопшти неодамна холанскиот амбасадор во земјава, Јан Коп, па оттаму прашањето дали е можно вето во иднина, дури и да се случат уставните измени. Според Чупеска, ние не можеме да знаеме во кој правец ќе се придвижуваат нештата, и затоа најважно е да ги исполниме сите услови беспрекорно.

-Особено од сетот на копенхашките критериуми и реформските процеди,токму за да нема шпекулации за нови блокади. Не може рефорските процеси да бидат изговор за неусвојување на уставните измени, но бидејќи за уставните измени немаме баш големо време на располагање, мора под итно да го решиме тој проблем, за да не дојде до ситуација на имплозија, па не само што ќе се изолираме , туку ни претстојат и други безбедносни ризици. Во такви услови и околности, кој ќе спроведува реформи? Наспроти реформи во услови на преговарачката маса, заклучува професорката.

За Андреја Стојковски од „Преспа институтот“, Извештајот е прилично реален и многу политички затоа што ја врши функцијата која треба да ја изврши. Вели дека не е задоволен од постигнатото и веројатно не доволно за сите области.

Андреја Стојковски

-Има области за кои може да се биде задоволен, но има области од кои може да се биде разочаран, иако разочарувањето подразбира дека претходно сме биле воодушевени од некакви постигнувања, истакнува тој за „Локално“.

Според него, Извештајот е направен за да покаже и измери постигнат напредок во период од една година во одредени активности.

-Не можам да тврдам со сигурност за она што го кажуваат од Секретаријатот за европски прашања, а тоа го повторуваат речиси цела декада, дека ние сме некаде околу 42-45% усогласени со европското законодавство. Знам дека недостига примена на усогласеното законодавство, меѓу ако таа усогласеност е точна, тогаш не е неостварливо или невозможно да се спроведат сите работи и 2030 година да бидеме членка на ЕУ. Тоа го потврдуваат лидерите од ЕУ во нивните изјави и сме го виделе во други случаи. Во принцип, во екот на преговорите, се случуваат најголемиот дел од реформите, оценува соговорникот.

Во однос на вчерашниот ден и пораките од Брисел, Стојковски смета дека треба да бидеме јасно што сака да ни каже еврокомесарот Вархеји и сите други европски лидери.

-Меѓудругото, извештајот посочува на блокадите во Собранието. Ако зборуваме за продолжување на процесот, тогаш точно е дека уставните измени се единствената и главната пречка во моментов. За да се свика Вторрата меѓувладина конференција, потребно е да бидат усвоени уставните измени. За да може да се напредува понатаму во процесот на преговорите по отворање на Кластерите, треба да покажеме реформски процес, меѓутоа за да ја имаме Втората конференција, најважни се уставните амандмани, тврди директорот на „Преспа институтот“.

Н.П.

Слични содржини