Професорот Гордан Калајџиев во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77 изјави дека „не треба да се биде пророк, туку да се познава правото“ за да се предвиди дека обвинети во случаите на СЈО ќе бараат аболицијата на екс претседателот, Ѓорѓе Иванов да важи пред судот за човекови права во Стразбур.
Според Калајџиев повлекувањето на аболицијата е главниот проблем за кој прашува Стразбур, оти претпоставува согласно меѓународното право и пракса дека претседател на држава е сериозна инситутција која не се зафркава со давање или одземање помилување на луѓето. Поништувањето се случило со закон кој е донесен подоцна и е на штета на помилуваните, како што одлучил и грчкиот Врховен суд во случајот со пребеганиот Грујовски. Затоа на одземање на помилувањето кое не е предвидено никаде се гледа со голем сомнеж.
– Се гледа од почеток дека имало проблеми, а сите се правеле на „Тошо” и кога ќе дојде нож до коска тогаш решаваме, а тоа е исто како студент кој учи на три дена пред испит. Сега на државта и останува да докаже дека стануваше збор за сериозно тешко кршење на човекови права во Македонија, за кои не се дава помилување или амнестија. Дека станувало збор за заробена држава. Треба да се покаже тоталитетот на случаите, извештаи на Прибе, на ЕУ – вели Калајџиев.