Русија годинава издвои повеќе за војската отколку за здравство, образование и социјална политика заедно, изјави денеска шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, пред состанокот на НАТО во Хаг, но таа нагласи дека европската економија е „неспоредлива“ и може да одговори на таквото вооружување.
Членовите на НАТО ќе се соберат следната недела на самит во Хаг, Холандија, и се очекува таму да усвојат одлука за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2032 година, од кои 3,5 проценти би оделе за воени инвестиции, а 1,5 проценти за инфраструктура со двојна намена.
„Русија е директна закана за Европската Унија“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, на седница на Европскиот парламент во Стразбур денеска.
Русија го нарушува европскиот воздушен простор, спроведува провокативни воени маневри, напаѓа возови, цевководи, саботира подводни кабли и европска индустрија, рече Естонката.
Таа предупреди дека минатата година Русија потрошила повеќе за војска отколку целата ЕУ заедно, а оваа година потрошила повеќе за одбрана отколку за здравство, образование и социјална политика заедно.
„Ова е долгорочен план за долгорочна агресија. Не трошите толку многу за војска ако не планирате да ја користите“, рече Калас.
Сепак, продолжи високата претставничка, „европската економија е неспоредлива“ и „нема закана што не можеме да ја надминеме“.
* Порака од шефот на германското разузнавање: „Имаме докази, Русија подготвува напад врз НАТО“
* Путин се закани: Нуклеарната тријада ќе остане гарант за безбедноста и суверенитетот на Русија
* Велика Британија ќе воведе нови санкции врз Русија
Таа нагласи дека инвестициите во одбраната треба да се прават „на време, во мирно време“, но дека е исто така потешко да им се објасни на граѓаните зошто се потребни такви инвестиции.
„Денес, Русија нема шанса против ЕУ и НАТО, но ние мора да останеме обединети“, нагласи таа.
Ова единство мора да се одржи и во поддршка на Украина, рече Калас, цитирајќи го генералниот секретар на НАТО, Марк Руте: „Ако не сакаме да продолжиме да ѝ помагаме на Украина, сите мора да учиме руски“.
„Тешките времиња бараат тешки одлуки. Европа секогаш се залагала кога е потребно – тоа е пораката што ја носиме на самитот на НАТО“, заклучи Калас.