Не стивнуваат реакциите на граѓаните по зголемените камати на банкарските услуги. Известувањата за зголемена каматна стапка на кредитни картички, дозволено пречекорување на трансакциска сметка и инстант кредити, ги затекна корисниците кои во страв ги очекуваат пресметките на почетокот и на овој месец за тоа колку ќе платат за некоја од услугите. Едноставен пример дава Перо Стојановски кој за „Локално“ вели дека од банката каде што е клиент со години, добил известување дека поради зголемување на референтната каматна стапка на благајничките записи, каматата за дозволениот минус наместо 10 % колку што била лани, сега е зголемена за 2.75 % односно изнесува 12.75%. Кога бројките ги свел на сопствениот дозволен минус, вели дека се шокирал бидејќи трошоците значително му се зголемуваат. Па така за дозволен лимит од 30 000 денари ако до нова година за камата на минусно салдо плаќал 249 денари месечно, сега плаќа речиси 70 денари повеќе или 318 денари.
Од Македонската асоцијација на банкари за Локално објаснуваат дека врз условите за кредитирање значително влијание има монетарната политика. Секое затегнување на монетарната политика значи зголемување на каматните стапки но за колку, одлучува секоја банка посебно, додаваат од таму.
-Нашите членки, банките и штедилниците, ги следат мерките и сигналите на монетарната политика на Народната банка и секоја од нив прави проценка и одлука околу висината и промените на каматните стапки. Затегнувањето на монетарната политика е јасен сигнал за зголемување на каматните стапки, како на кредитните, така и на депозитните производи на банките и штедилниците. Висината на каматната стапка за дозволеното пречекорување се определува за секое полугодие и зависи од висината на референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата. Со Одлука на НБРСМ бр. 02-42045/1 од 22.12.2022 година, за периодот од 01.01.2023 година до 30.06.2023 година, референтната стапка е зголемена на 4,75% (до 31.12.2022 година беше 2%), објаснуваат од МБА.
Од почетокот на годинава стапи на сила Законот за платежни услуги со кој банките се обврзани транспарентно да ги објавуваат сите трошоци,надоместоци, провизии и каматни стапки што ги имаат клиентите по било кои основи.Од МБА уверуваат дека банките со својата капитална сила и вкупен финансиски потенцијал се подготвени да продолжат со силна финансиска поддршка на економијата и на населението а со оглед на како што велат од таму, комплексноста на факторите кои тековно имаат влијание, секоја банка и штедилница ќе го понуди на пазарот она што смета дека е во интерес на клиентите и, секако, за исполнување на нејзините деловни политики и стратегии.
К.В.С.