Владата не треба да брза со предизборното ветување за разрешување на актуелниот состав на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, предупредуваат експерти. Професорот Владо Камбовски посочи дека овој предлог не е во согласност со препораките на т.н. Оценска мисија на европски експерти, кои дадоа предлози за подобрување на работата на Судскиот совет.
„Разрешувањето на целокупниот состав на Судскиот совет е комплексно прашање. Големо е прашањето дали уставни тела можат да се разрешуваат со обични закони,“ истакна Камбовски.
Блупринт групата за реформи во правосудството апелираше до политичките партии и извршната власт да избегнуваат решенија кои можат да ја поткопаат независноста на судските тела.
„Секое разрешување на целиот состав на Судскиот совет би претставувало опасен преседан. Со менување на власта, би се менувале и законите, што ја загрозува независноста и непристрасноста на правосудните органи,“ предупредија од Блупринт групата.
Александар Тумановски додаде: „Очигледно е дека нешто не чини во тие совети. Треба внимателно да се размисли и разговара со правната фела пред да се донесат заклучоци.“
Судбината на Судскиот совет предизвика вербална преписка меѓу поранешниот министер за правда Кренар Лога и премиерот Христијан Мицкоски. Мицкоски нагласи дека ова ветување од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе се реализира како дел од борбата против криминалот и зголемување на довербата во правосудството. Лога, пак, предложи нов Закон за судски совет, кој ги вклучува препораките на експертите испратени од Европската Унија. Според новиот закон, членовите на Советот би се бирале во Собранието, а би биле предлози на Адвокатската комора и професорите по право, со нови одредби за потребното искуство во струката.