Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, денес проговори за сериозниот напад што се случи во возот за Кембриџшир синоќа, кога десет лица беа избодени со нож, нарекувајќи го „загрижувачки“ инцидент.
„Ужасниот инцидент во возот во Хантингдон е длабоко загрижувачки. Моите мисли се со повредените и погодените. Благодарен сум на нашите служби за итни случаи за нивниот брз одговор. Во близок контакт сум со полицијата и транспортните власти за да се осигурам дека е обезбедена целата потребна поддршка. Секој што планира да патува со линиите на LNER денес треба да провери пред да патува“, рече градоначалникот на Лондон на својот профил на X.
Десет лица беа избодени синоќа во возот за Кембриџшир, кој е оддалечен околу 80 километри од Лондон, по што две лица беа уапсени, а полицијата соопшти дека станува збор за „сериозен инцидент“ и потврди дека единиците за борба против тероризмот ќе ја поддржат истрагата.