Канада им се придружи на САД и Австралија во бојкотот на Олимпијадата во Пекинг

од Nikola Popovski
316 прегледи

Канада им се придружи на САД и Австралија во дипломатскиот бојкот на Олимписките игри во Пекинг во 2022 година, наведувајќи ги прекршувањата на човековите права во Кина.

Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека неговата земја нема да испрати официјална делегација на Игрите што треба да се одржат од 4 до 20 февруари во кинеската престолнина.

Трудо рече дека не мисли дека одлуката би била изненадување за Кина.

„Во текот на изминатите години многу јасно ја изразивме нашата најдлабока загриженост за кршењето на човековите права и ова е продолжение на тоа“, рече тој.

Канадските спортисти ќе учествуваат на Игрите, додаде тој.

Слични одлуки донесоа претходно и Австралија и САД, а администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден како причина за бојкотот на Олимпијадата го наведе третманит на Кина кон муслиманските Ујгури во западниот регион Ксинџијанг.

Британскиот премиер Борис Џонсон во средата изјави дека „ќе има дипломатски бојкот“ на Олимписките игри во Пекинг, но го повтори своето противење на спортскиот бојкот на Игрите.

„Нема да има министри или функционери“, рече Џонсон во парламентот.

Третманот кон Ујгурите наречен „геноцид“

Дипломатскиот бојкот на Игрите ќе ги влоши односите на Западот со Кина, која во средата рече дека не ги поканила британските министри на Игрите.

„Зимските олимписки игри во Пекинг се собир на олимпијци и љубители на зимските спортови ширум светот, а не алатка за политичка манипулација за која било земја“, изјави портпаролот на кинеската амбасада во Лондон.

На почетокот на оваа година, канадскиот парламент усвои необврзувачка резолуција, со која третманот од страна на Кина кон Ујгурите во Ксинџијанг, го нарече „геноцид“.

Обединетите нации и групите за човекови права веруваат дека најмалку еден милион Ујгури и припадници на муслиманските малцинства се држат во притвор.

Кина го отфрла ова и наведува дека камповите се наменети за обука и дека се потребни за борба против екстремизмот.

Слични содржини