Започна дводневната обука на кандидатите кои се јавија на владиниот јавен повик за превенција на пожари. Како што информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, веќе во текот на наредната недела дел од нив ќе бидат вклучени во гаснењето на пожарите со помал ризик во земјава.
Ангелов соопшти дека обуката ја започнале вкупно 364 кандидати во 13 градови во државата, со што се очекува пополнување на потребните места во 28 општини.
Од 50 пријавени кандидати во Скопје, Ангелов истакна дека денешната обука ја започнале 34 лица, додека останатите, како што рече, отпаднале во административната селекција поради неуредна или неправилна документација.
„Во Скопје имавме 50-тина пријавени, на административната селекција отпаднаа неколку останаа 41, но на повикот за обука се појавија само 34 кандидати. Она што можам да кажам како прва импресија е дека има одлични кандидати и успешно ќе ја завршат оваа обука и ќе бидат добар потенцијал за пополнување на испразнетите редови во македонските Противпожарни единици“, рече Ангелов.
По завршувањето на дводневната обука, додаде, тие ќе бидат распоредени по територијалните противпожарни единици во државата, освен кандидатите во Скопје кои ќе бидат распоредени во Дирекцијата за заштита и спасување.