Канцеларот на Австрија: „Северен тек 2“ не треба да биде средство за притисок врз Русија

од Vladimir Zorba
195 прегледи

„Северен тек 2“ е европски проект и не треба да се користи како средство за притисок врз Русија поради ситуацијата во Украина, изјави новиот австриски канцелар Карл Нехамер во интервју за германскиот весник „Велт“.

„Јас сум против поврзувањето на лансирањето на „Северен тек 2“ со однесувањето на Русија во Украина. Така, Европската унија може само да си наштети. „Северен тек 2“ не е само во интерес на Русија, туку од него ќе имаат корист и Германија и Австрија со другите земји од ЕУ. „Северен тек 2“ е европски проект кој не треба да се користи како средство за притисок врз Москва“, изјави австрискиот канцелар.

Според него, се додека европските земји имаат потреба од гас и нафта, важно е да се обезбеди снабдување со енергија од што повеќе извори и да имаат на располагање соодветни гасоводи.

„Ова важи и за Австрија. „Северен тек 2“ е важен проект кој на Европската унија и обезбедува сигурност во снабдувањето со енергија“, нагласи Нехамер.

На прашањето дали австриската влада ќе продолжи да го поддржува гасоводот, канцеларот одговори потврдно.

„Да секако. Очекувам дека „Северен тек 2“ наскоро ќе може да почне да работи, како што е планирано“, рече Нехамер.

Да потсетиме, пуштањето на гасоводот го поддржа и поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц. Како што рече, Австрија, како и цела Европа, долго време ќе има потреба од испораки на гас од Русија, а „Северен тек 2“ гарантира енергетска безбедност и мора да биде завршен.

Гасоводот „Северен тек 2“ минува од брегот на Русија преку Балтичкото Море до Германија и се состои од два крака со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно. Неговата изградба беше завршена на 10 септември.

Во моментов е во тек процесот на сертификација на Nord Stream 2 AG како независен оператор на гасоводот.

Слични содржини