Во рамки на денешната 56. седница на Советот на општина Карпош, советниците дадоа согласност за одобрување на субвенции за купување нови велосипеди за жителите на Карпош. Акцијата ќе започне во петок (07.05.2021) и ќе трае до исцрпување на предвидените финансиски средства. Субвенцијата подразбира покривање на дел од трошоците, во износ од 30% од сумата за платен велосипед, но најмногу до 3.000 денари.
За оваа намена, Општината издвои финансиски средства од својот Буџет во висина од 500.000 денари, а субвенционирањето ќе се одвива по принципот – „прв дојден, прв услужен“.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за трите проекти од областа на образованието во општина Карпош. Станува збор за проектот „Инклузивно активен свет – Карпош“, за кој локалната самоуправа ќе издвои околу 150.000 денари. Реализатор е здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ, а шестмесечниот проект е наменет за подобрување образовните услови на децата со попреченост, преку креирање на општинска програма за нивна социјална инклузија.
По тој повод, ќе бидат обучени 20 тренери за работа и вклучување на децата со попреченост во здрав и активен начин на живот. Во таа насока ќе бидат соодветно опремени и две сензорни соби во две основни училишта во Карпош, во чии рамки тренерите ќе спроведат серија на 10 поврзани активности за дечињата со попреченост, според методот кој ќе го го дефинираат во текот на обуката. За таа цел ќе биде формирана и работна група од родители на деца со попреченост, психолог, педагог, дефектолог, експерт за спорт, за развој и претставник на општина Карпош. Целта на оваа група е да ги детектира конкретните потреби на децата со попреченост и нивно вклучување во здрав и активен начин на живот преку спортско–рекреативни активности.
Општина Карпош, со 50.000 денари ќе го финансира и осуммесечниот проект на здружението ИМПЕТУС насловен „Младите заедно во еко заштита“. Со оваа иницијатива треба да се мотивираат основците од Карпош, да се вклучат во селекција на отпадот и заштитата на непосредната животна околина.
Претходно, програмата за млади ИМПЕТУС преку соработка со Универзитетот во Малме (Шведска) и претставници од општина Карпош, спроведе теренско мапирање на корпите за отпадоци и контејнери во неколку реони во општината, каде што наиде на повеќе предизвици. Од теренската работа, младите креираа дигитална мапа со која се мапираа локациите, но и еко – предизвиците. Оттаму, самиот проект предвидува и низа активности кои подразбираат одржување на работилници со ученици, наставници и стручни соработници. Потоа следува и теренско истражување и мапирање на еко површини со користење на дигитални алатки. Во рамки на проектот ќе се одржи и онлајн фестивал „ЕКО НЕТ Зелен Карпош“, со изложба на ликовни творби.
Советот го поддржа и проектот на градското здружение на ликовни педагози – Детски ликовен центар, за одржување на 15-та „Детска ликовна колонија Св. Пантелејмон“ – 2021. Според програмата за активности во областа на образованието за 2021 година, општина Карпош за оваа намена ќе издвои 50.000 денари од својот буџет.
Советниците гласаа позитивно и за одобрување на финансиски средства за награди за полуматурантите – првенци на генерација од основните училишта во Карпош. Според оваа одлука општина Карпош со 10.000 денари поединечно, ќе награди 10 ученици кои се прогласени за првенци на генерација во учебната 2020/2021 година.
На дневен ред, пред советниците од Карпош се најде и предлог–изменетата Програма од областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2021 година. Во таа насока, советниците ја поддржаа дополнетата програма која предвидува изменување на финансиската рамка од досегашните 156.000.000 денари, на 186.600.000 денари. Дополнителните средства се наменети за подобрување на јавната чистота и хигиена, за одржување на зеленилото и хортикултурата, за обновување на урбаната опрема и јавното осветлување, за имплементација на ЛЕАП–от, како и за други активности од областа на енергетската ефикасност.
Поконкретно, за јавна чистота и хигиена наместо 43.800.000 денари, ќе бидат наменети 51.800.000 денари. За одржување на постојното јавно зеленило, предвидената финансиска рамка од 8.500.000 се заменува со 11.500.000 денари. За подигнување на нови зелени површини и јавно зеленило ќе бидат насочени 13.000.000 денари, наместо досега предвидените 6.000.000 денари. За одржување на урбаната опрема низ Карпош ќе бидат потрошени 23.000.000 денари, наместо предвидените 14.000.000 денари.
За поставување на нова урбана опрема се предвидени 9.100.000 денари, наместо досегашниот износ од 6.000.000 денари. Замената на постојните светилки за улично осветлување со ЛЕД светилки по ЕСКО моделот, ќе ја чини Општината 55.000.000 денари, наместо досега предвидените 52.000.000 денари. За изградба на нови системи на јавно осветлување, во делот „предвидена финансиска рамка“, износот 17.000.000 денари се заменува со износ од 18.000.000 денари. Предвидените средства за новогодишно украсување ќе бидат намалени од 2.000.000 на 700.000 денари. Фондот за проектни активности од областа на енергетската ефикасност ќе биде корегиран од 5.200.000 на 3.000.000 денари.
На денешната седница помина и одлуката на Советот со која општина Карпош постхумно ќе му додели Плакета на семејството Петровски, како знак на признание за постигнати животни остварувања на професионалниот дипломат Трајан Петровски (1939 – 2021). Петровски е првиот нерезидентен амбасадор на независна Република Македонија, деташиран во Анкара во јуни 1992 година. Во рамките на својата професионална кариера, Петровски како истакнат дипломат над три децении работел на етаблирање на органите за надворешни работи на РМ и бил еден од незаменливите дипломати – промотори на македонската култура во светот. Како истакнат член на Дипломатскиот клуб – Скопје, Петровски дал полн придонес за аналитичкото и систематското проучување и историографско документирање на активностите на македонската дипломатија во нејзиниот 50 годишен развој.