Интервентниот тим кардиолози од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во еден ден изведе пет успешни TAVI-процедури за решавање на аортна стеноза со минимално инвазивен пристап. Сите изведени процедури се покриени од Фондот за здравствено осигурување, а пациентите претходно биле ставени на листа за чекање за оваа интервенција.
TAVI – процедурите беа изведени од страна на тимот интервентни кардиолози: д-р мед. науки Жарко Христовски, прим. м-р д-р Слободан Антов, д-р мед. науки Игор Балевски и д-р Димитар Душкоски, во соработка со комплетниот кардиолошки тим, кардиоанестезиолозите од Одделот за кардиохирургија и сестринскиот тим од Одделот за кардиологија.
„Станува збор за пациенти на возраст од 70-83 години, кои се со изразени коморбидитети и претходни кардиохируршки интервенции. Секој од нив беше третиран со индивидуален пристап и сите интервенции поминаа успешно, без компликации. Од денешна перспектива можам да кажам дека сум горд на кардиолошкиот тим на „Аџибадем Систина“ кој е подготвен за сите предизвици. Голема благодарност и до Фондот за здравствено осигурување кој даде позитивно мислење и одобри овие пациенти да имаат можност за бесплатна TAVI-процедура во еден врвен кардиолошки центар кој нуди најсовремени услови. Среќни сме што добиваме поддршка од Фондот за овие интервенции и што благодарение на нив ќе дадеме шанса за живот на осигурениците кои имаат потреба од ваквиот третман“, изјави д-р мед науки Жарко Христовски, интервентен кардиолог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Одлуката за решавање на аортната стеноза со TAVI-процедура кај овие пациенти беше донесена од страна на т.н. Heart Team на болницата, составен од кардиолози и кардиохирурзи. Ваквиот мултидисциплинарен пристап и успех во изведувањето и на најкомплексните процедури зборува за одличната подготвеност на кардиолошкиот тим и големината на Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Дел од тимот инетрвентни кардиолози кој учествуваше во изведувањето на TAVI -процедурите е и реномираниот кардиолог д-р мед науки Игор Балевски кој од неодамна е дел од „Аџибадем Систина“. Д-р Балевски е стручен шеф на Одделот за интервентна кардиологија во Универзитетскиот клинички центар во Марибор, Словенија и досега има изведено над 500 успешни TAVI-процедури.
„Ми претставува огромно задоволство што заедно со тимот секојдневно постигнуваме одлични резултати. Чест ми e што можам да го пренесам моето досегашно искуство од Словенија и да придонесам во успехот на работата на кардиолошкиот центар во „Аџибадем Систина“. Заедно со овој тим сме подготвени да ги изведуваме буквално сите кардиолошки интервенции “, изјави д-р мед науки Игор Балевски.
По интервенцијата пациентите се сместени на хоспиталниот оддел за кардиологија, во одлична здравствена состојба и се очекува за два дена да бидат пуштени дома.
TAVI-процедура претставува вградување на протеза на аортниот залисток на срцето по транскатетерски пат. Тоа значи помалку инвазивен пристап, вградување на вештачката валвула без рез на градната коска, со помош на софистициран систем за катетеризација и најчесто се изведува преку артериите на препоните. Главни придобивки на оваа процедура се: пократок болнички престој, побрзо закрепнување од самата процедура, како и намален ризик од компликации.